ПОСЛЕ ОВА, ОСТАНУВА УШТЕ ГРОБИШТА ДА НИ НАПРАВАТ – АЕРОДРОМ ПРОТЕСТИРАШЕ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ДЕВЕТКАТНИЦАTA КАЈ МАЈЧИН ДОМ

    ПОСЛЕ ОВА, ОСТАНУВА УШТЕ ГРОБИШТА ДА НИ НАПРАВАТ – АЕРОДРОМ ПРОТЕСТИРАШЕ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ДЕВЕТКАТНИЦАTA КАЈ МАЈЧИН ДОМДел од оние кои протестираа во еден момент се обидоа да ја урнат оградата, но не им успеа (Фото: К. Попов)

    Неколку стотици граѓани јасно кажаа што мислат за најавеното градење на станбена деветкатница кај Мајчин дом во Општина Аеродром, кога се обидоа да ја урнат оградата, што експресно беше поставена изминатата ноќ. Освен што ја искривија на едно место, оградата не попушти.

    „Столбовите ги набиваа со багери, затоа е толку цврста оградата“, кажа еден жител на Аеродром.

    Тензичната атмосфера се смири, откако на дотогаш малубројните полицајци на помош им дојде значително засилување, вклучувајќи и специјалци, кои погусто ја обезбедија оградата. Разочарани што се собраа во, според нив, недоволен број за така голема општина, граѓаните продолжија вербално да го искажуваат својот револт.

    „После ова, треба едни гробишта да ни направат во Аеродром, затоа што веќе нема да имаме воздух за дишење“, рече една постара госпоѓа.

    (Фото: К. Попов)

    Градоначалникот Златко Марин, кој во кампањата акцентот го стави токму врз овој проблем, а беше и најгласен задно со активистите против ДУП-от,  денеска се прогласи за немоќен да го сопре градењето.

    „Мојот став останува непроменет, зграда пред Мајчин дом не треба да има. Токму затоа, откако стапив на функцијата, направивме интерна ревизија на планот и доставивме 13 преставки до Уставен суд, кој нема доставено никаква одлука. Ниту го стави во мирување, ниту го поништи планот“, кажа Марин на денешната прес-конференција.

    „Една културна институција немаме во општината. Само згради, згради, згради. Толку луѓе се иселија и допрва ќе се иселуваат, кој ќе живее во тие згради“, се прашуваат аеродромци.

    Советот на Општина Аеродром под водство на ВМРО-ДПМНЕ, на 5 април 2017 ненадејно го усвои Деталниот урбанистички план И10, за кој советниците од тогашната опозиција предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи. Планот се однесува на делот покрај Вардар од Железничка станица до Мајчин дом и предвидува низа нови објекти поради кои се одзема од зеленилото, како и сервисни улици и паркинзи во служба на новите објекти. Најмногу реакции предизвикува тоа што, покрај планираните останати висококатници, со планот на парцелата покрај Мајчин дом на 3.500 квадратни метри е предивидено да се гради 9-катница, а поради паркинг за неа ќе се сече дрворед и ќе се уништува зеленило.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира