ПОВЕЌЕ ОД 24 ЧАСА СЕ БЕЗ СТРУЈА НАСЕЛБИ ОД ВЕЛЕШКО И ОД ОПШТИНА ЧАШКА ПО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ

    ПОВЕЌЕ ОД 24 ЧАСА СЕ БЕЗ СТРУЈА НАСЕЛБИ ОД ВЕЛЕШКО И ОД ОПШТИНА ЧАШКА ПО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕОд ЕВН велат дека има дефекти поради големото невреме кое вчера го зафати Велес. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе населени места во велешкото Башино Село, селата Сопот, Новачани, Иванковци, Кумарино, Отовица, Мамутчево, Сујаклари, Дурутовец, Бузалково, Сливник, Горно Оризари, Раштани, Клуковец, и повеќето во Општина Чашка се скоро 24 часа без струја. Од ЕВН велат дека причината е големото невреме, кое вчера го зафати Велес.

    „Како последица од силното невреме кое го зафати Велес и околината, се соочуваме со оштетувања на електродистрибутивната мрежа, односно искинати проводници, скршени столбови и сличмо. Екипите на Електродистрибуција се постојано на терен и работат на отстранување на дефектите“, одговорија од ЕВН.

    Реакциите на жителите се жестоки, бидејќи сè што чувале во фрижидерите се одмрзнало и имаат големи штети.

    „Повеќе од еден ден сме без електрична енергија. Сè се расипа што чувавме во фрижидерите. Мобилните се при крај, испразнети, немаме контакт со светот. Има села кои се без вода, оти без струја не работат пумпите. Ова е ужас. За неплаќање на сметките нè казнуваат, а они еден ден не може да отстранет дефект“, велат жителите од Велешко.

    Гостите кои викендов дошле во рестораните во Оморани, Нежилово, Богомила, морале да си заминат.

    Вчерашното невреме и силниот ветер предизвика прекин на редовниот живот го градот, а имаше и едно повредено лице. Жена била повредена, според нејзино кажување, од лесонитна плоча која паднала од некоја од зградите на паркингот кај пазарчето во Нова Населба. Помош побарала во Велешката болница, од каде имала површински повреди на главата и ѝ била пружена лекарска помош, била задржана на опсервација и околу полноќ по нејзино барање заминала дома. Од покривот кој летна од т. н. социјална зграда во населба Тунел, имало оштетени автомобили. Летна и покривот на зградата од Монопол и на повеќе други згради во Велес, се срушија дрвја, има отштетно автомобили.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира