ПОВТОРНО ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, АДВОКАТИТЕ ПОБАРАА ПРЕПИС НА ДОКАЗНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ НА 3.000 СТРАНИЦИ

    ПОВТОРНО ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, АДВОКАТИТЕ ПОБАРАА ПРЕПИС НА ДОКАЗНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ НА 3.000 СТРАНИЦИСудењето е одложено за 7 декември. (Фото: СДК.МК)

    Повторно е одложено судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово. Сега обвинетите имаа адвокати, освен еден од обвинетите, кој приложи доказ дека неговиот адвокат е на друго судење, но судијата Јордан Велков тоа не го прифати и му наложи на обвинетиот Бобан Вучески задолжително да дојде со адвокат или судот ќе му одреди по службена должност.

    И кога се очекуваше дека судењето ќе продолжи адвокатите на обвинетите побараа судењето да се следи аудио и визуелно. Судијата Велков побара од техничката служба на судот мислење дали може да се исполни барањето на адвокатите. Од техничката служба појаснија дека аудио следење на судењето е можно со ангажирање на надворешна фирма, но дека е неможно да се обезбеди и видео следење на судењето. Со ова се согласија адвокатите па наредните рочишта ќе бидат следени со аудиозапис.

    После ова адвокатите се пожалија дека им е овозможен увид во доказите и побараа да ги добијат во електронска верзија. Судот тоа го одобри па одбраната на обвинетите ќе може да ги добие препис од доказниот материјал кој, како што рече судијата Велков, изнесуваат 3.000 страници.

    Поради ова, судењето е одложено за 7 декември. По завршувањето на рочиштето, од обвинетите само поранешниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими даде изјава.

    „Јас сум најмногу заинтересиран судењето побрзо да заврши и да ја докажам својата невиност во врска со овој трагичен настан“, изјави Бесими но не одговори дали имал увид во доказите кои ги обезбедило обвинителството и за тоа ги упати новинарите да разговараат со адвокатите.

    Во пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи на 8 септември минатата година, животот го загубија 14 лица од кои 12 беа пациенти заболени од ковид-19 а две лица беа роднини на пациенти кои тука биле да им помагаат.

    З. АНДОНОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира