ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД КРАТОВО, РАНКОВЦЕ И СТАРО НАГОРИЧАНИ ДОБИЈА  УНИФОРМИ ЗА ГАСНЕЊЕ ШУМСКИ ПОЖАРИ ОД СТОПАНСКА БАНКА

    ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД КРАТОВО, РАНКОВЦЕ И СТАРО НАГОРИЧАНИ ДОБИЈА  УНИФОРМИ ЗА ГАСНЕЊЕ ШУМСКИ ПОЖАРИ ОД СТОПАНСКА БАНКАОбезбедени се чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони за 27 пожарникари. (Фото: Стопанска банка)

    Пожарните во Општините Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово добија пожарникарска униформа која вклучува чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони од Стопанска банка АД Скопје. Нова опрема која е специјално изработена за борба со шумски пожари, добија 27 пожарникари од овие три противпожарни единици.

    Летово речиси цел месец во земјава имаше големи шумски пожари кои не можеа да се изгаснат со денови. Пожарите се гасеа од земја, но и од воздух. Покрај „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптерите на МВР, на помош во неколку наврати беа испраќани воздухоплови од повеќе европски држави, кои пристигнаа преку ЕУ механизмот за цивилна заштита. Меѓу земјите кои испратија помош беа Германија, Шведска, Србија, Словенија, Кипар, Унгарија и Чешка.

    Од Стопанска банка се обратиле за да помогнат до Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој ги координираше акциите. Од ЦУК им било речено дека пожарникарите во земјава се соочуваат со недостиг на заштитна опрема за гасење на големи пожари и било предложено комплетно да се опремат три територијални единици.

    Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, вели дека донацијата е благодарност за пожртвуваноста и посветеноста на пожарникарите за заштитата на природата и граѓаните.

    „Соочени со разорната моќ на шумските пожари ја откриваме нашата ранливост како општество и заедница, па затоа, ако веќе сме во можност, помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено се надеваме дека опремата нема да треба да се користите често, но во исто време нѐ радува фактот што пожарникарите добија целосно нова и модерна опрема која ќе ги заштитува и ќе им овозможи подобри услови за работа“, рече Николетопулос.

    Покрај со недостаток на опрема, противпожарните единици во земјава се соочуваат и со недосток на возила. 34-те противпожарни единици во Македонија вкупно располагаат со 284 возила, од кои што половина се постари од 30 години, а најстарото е од 1966 година, покажа истражувањето и базата на податоци за бројот на пожарникари и противпожарни возила во земјава на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    Просечната старост на противпожарните возила во земјава е 27 години и само 15 отсто од противпожарните возила се произведени во последните 10 години. Најстари возила, со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, а следна, со просечно стари возила од 38 години, е единицата во Кратово. Валандовската противпожарна единица е со возила со просечна старост од 36 години, а таму е и најстарото противпожарно возило, камионот ТАМ од 1966 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира