Деведесетгодишниот уметник Стојан Трниниќ-Нанче отвори нова изложба во Штип, откако пред неколку години во пожарот што избувна во неговата родна куќа во Штип му изгореа над 200 слики во акварел. И тогаш и сега на отворањето на новата изложба, докторот по физичка култура кој долги години живееше во Скопје, рече дека човек во животот може да преброди сѐ, а како вљубеник во уметноста може да твори додека е жив. Така и тој и покрај годините успеа да ја обнови изгорената куќа и истовремено да создаде нови дела, па шеесетина од нив до 15 октомври ќе бидат изложени во уметничката галерија Безистен во Штип.
Заблагодарувајќи се на бројната публика која му дојде на отворањето и на онаа која допрва ќе ја гледа изложбата, виталниот уметник Нанче најави дека ќе се труди да твори и понатаму . Тој рече дека старата, но и новата штипска архитектура, пејзажите, убавата природа околу градот ќе му бидат постојана инспирација.
„Ако повторно се родам, пак сакам тоа да биде во Штип“, вели Нанче.
Т. ЈОВАНОВСКИ