Четворица кумановци коишто работат во странство и двајца кои што биле на одмор во Охрид, се меѓу вчерашните регистрирани позитивни на коронавирус во Куманово. Како што соопшти Центарот за јавно здравје во Куманово, од 24 нови случаи во Куманово и двајца во Липково кои се регистрирани вчера, дел се од стари, а има и од нови кластери.
„Меѓу новозаболените, покрај повратниците кои пред 4-5 дена дошле дома имаме и четворица асимптоматски, кои направиле ПЦР тестови за да се вратат во странство каде што живеат. Новозаболени се и двајца кумановци кои се вратија од одмор од Охрид, а имаме и поединечни изолирани случаи од неколку кумановски фирми“, изјави директорот Ариф Љатифи.
Најмладиот заразен е на 12-годишна возраст, а најстариот на 83 години.
Тој додава дека главна причина за зголемениот број на новозаболени е непочитувањето на мерките за заштита и немањето на лична одговорност, поради што се доведува во прашање здравјето на совесните граѓани. Меѓу опасностите кои дел од граѓаните не ги сфаќаат сериозно е и организирањето на семејни веселби.
Од Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Куманово, велат дека досега немаат поднесено ниту една пријава на правно или физичко лице, поради кршење на мерките и протоколите во угостителски објекти. Тие тврдат дека секојдневно вршат контроли во работното време, додека на повик интервенираат и во вечерните часови. Додека секој викенд – петок, сабота и недела, од 21 до 2 часот по полноќ , заедно со полицијата се на терен.
За прославите во домовите кажуваат дека е надлежна полицијата, а не тие.
С. НИКОЛИЌ