ПРЕД КОЛАПС ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, ФАЛАТ 200 АВТОБУСИ НА ЛИНИИТЕ ШТО ГИ ОДРЖУВАА ПРИВАТНИЦИТЕ, А ЈСП ВОЗИ СО РЕДУЦИРАН ВОЗЕН РЕД

    ПРЕД КОЛАПС ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, ФАЛАТ 200 АВТОБУСИ НА ЛИНИИТЕ ШТО ГИ ОДРЖУВАА ПРИВАТНИЦИТЕ, А ЈСП ВОЗИ СО РЕДУЦИРАН ВОЗЕН РЕДЕдна година од мандатот на Данела Арсовска која изборите ги доби со ветувањето за брз, модерен, еколошки и бесплатен превоз, жителите се мачат да стасаат на работа, на лекар, во училиште.(Фото: К. Попов)

    Јавниот превоз во Скопје е пред колапс откако приватните превозници не возат на линиите кои ги држат, а автобусите на ЈСП се проретчени. Само една година од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, која изборите ги доби со ветувањето за брз, модерен, еколошки и бесплатен превоз, жителите се мачат да стасаат на работа, на лекар, во уличилиште.

    Од почетокот на ноември престанаа да возат автобусите на приватниот превозник „Макекспрес“ оти ЈСП и Градот не им плаќаа за линиите кои ги држат и им должи околу пола милион евра. Од пред два дена, од истите причини престанаа да возат и автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“. Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски во изборната кампања беше еден од поддржувачите на Арсовска и јавно се залагаше за нејзиниот избор, а сега прогласи штрајк и најави тужби бидејќи не им се исплатени над еден милион евра.

    Приватните превозници беа дел од јавниот превоз со нивните 200 автобуси. Тие беа вклучени во единствениот тарифен систем, односно им се исплаќа преку ЈСП по едно евра за секој изминат километар, токму поради тоа што без нив јавниот превоз не може да функционира зашто ЈСП нема доволно автобуси да ги покрие сите линии.

    Дополнителен проблем за граѓаните е и тоа што ЈСП вози со редуциран или летен возен ред, што значи дека автобусите се поретки. На пример, на линијата 4 која сообраќа од Кисела Вода до населбата Хром со години според зимскиот возен ред кој е на сила додека трае учебната година автобуси до 17 часот имало на 20 минути, а потоа на 40. Сега автобуси на 20 минути има само наутро до 9 часот и од 14 до 17 часот, во останатиот период се на 45 минути. Слична е ситуацијата и со другите линии, па граѓаните постојано се расправаат со возачите зошто нема автобуси и зошто долго чекаат на станиците.

    Откако престанаа да возат приватните превозници, градоначалничката Арсовска рече дека ЈСП ќе ги покрие тие линии. Но, тие не се покриени во целост односно не се пуштени ист број автобуси колку што имаше претходно.

    Една од населбите кои имаат најголем проблем откако ги нема приватниците е Шуто Оризари.

    „Нема автобуси, не е вистина дека пуштиле повеќе. Со саати чекаме да дојде автобус, а кога ќе дојде е преполн и не ги собира сите патници. Ние жените од населбата кои ги прехрануваме нашите семејства со одржување куќи немаме како да стасаме наутро на работа, дневниците ги даваме на такси“, велат жителки на Шуто Оризари.

    Градоначалничката Арсовска смета дека нема проблем во јавниот превоз и дека автобуси има како и порано, а вели дека се шпекулации информациите оти со саати се чека на постојките. Тврди дека ЈСП ги заменува сите линии на приватниците, а на прашањето зошто јавното претпријатие вози со редуциран возен ред, ни рече да го поставиме на директорот Александар Стојковски. Ниту Стојковски ниту од ЈСП не кажуваат зошто автобусите се проретчени, а на сила треба да е зимски возен ред. Стојковски постојано ни спушта телефон кога ќе му поставиме прашања за јавниот превоз.

    Арсовска смета дека не е проблем ни тоа што приватниците не возат и вели дека можат ако сакаат спогодбено да се раскине договорот со нив. Не одговори прецизно како ќе се надоместат нивните линии, кога ЈСП нема плус 200 автобуси, туку само рече ќе се направи реорганизација.

    „„ЈСП сега е во многу подобра состојба од она како беше оставено девастирано, а  ќе беше во одлична состојба да не бевме во ваква економска и енергетска криза. Не е точно дека Градот им должи пари на приватниците, а ако сметаат дека е така си имаат правни лекови и нека си поведат постапка. Им беше понудено доколку сакаат повеќе да не работат со Градот спогодбено да биде раскинат договорот. Многу шпекулации има во јавноста и се вршат притисоци од сите страни. Години наназад Владата постојано давала пари на Градот за јавен превоз. Сега не се дава ниту денар, а имаме и економска и енергетска криза. Ги повикувам претставниците на ‘Слобода превоз’ и ‘Макекспрес’ да ги префрлат протестите пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ чиишто директори го генерирале долгот кој сега сакаат да го престават како неуспех на градското раководство“, кажа Арсовска.

    Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски вели дека сето она што го кажува градоначалничката се невистини и смета дека некој многу лошо ја советува. Тој јавно побара да се сретне со неа за да ѝ објасни како стојат работите во јавниот превоз, кој никогаш досега не бил доведен во прашање како што е сега случај.

    „Арсовска вели дека најважен ѝ бил јавниот интерес. Е па, без нас јавниот интерес нема да постои оти граѓаните ќе останат без превоз. Без нас нема да има редовен превоз оти ЈСП ‘Скопје‘ нема доволно автобуси да ги замени сите линиите на кои ние возиме. Ако Арсовска не закаже средба со нас значи дека нема волја од нејзина страна да се реши ова прашање. Градоначалничката рече дека сме ја политизирале ситуацијава, зар е политизирање што си ги бараме парите кои ни ги должат три месеци? Ние политички се вмешавме единствено кога ја дадовме поддршката на Арсовска и тоа беше првпат да дадеме јавна подршка на некого. Ја поддржавме јавно Арсовска поради тоа што на средбите ни ветуваше дека ќе имаме подобри услови за работење“, вели Јовановски.

    Градоначалничката Арсовска во изборната кампања вети бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и 250 нови еколошки автобуси. Во првата година од нејзиниот мандат вратен е само бесплатниот превоз во вторник, петок, сабота и недела за пензионери, кој беше укинат за време на короната. Нема бесплатен превоз за сите граѓани, ниту е почната постапката за набавка на ветените 250 автобуси. Во првата година од мандатот на Арсовска за првпат во историјата Скопје остана без јавен превоз, откако не возеа автобусите на ЈСП оти не им беше исплатена плата на вработените. Приватните превозници после 30 години исто така престанаа да возат, со „Макекспрес“ е раскинат договорот и тие веќе не се дел од јавниот превоз, а истото се најавува дека ќе се случи и со „Слобода превоз“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира