СО МИЦКОСКИ ЗАЕДНО БАРАМЕ ГРАНТОВИ ЗА ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ВЕЛИ СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА АРСОВСКА

    СО МИЦКОСКИ ЗАЕДНО БАРАМЕ ГРАНТОВИ ЗА ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ВЕЛИ СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА АРСОВСКАГрадоначалничката Арсовска вели дека Град Скопје преговара со компании и со фондови каде се обезбедуваат грантови за еко проекти за набавка на еко автобуси, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбата во Скопје.(Фото: Фејсбук)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со градоначалничката Данела Арсовска преговараат со компании да се добијат грантови за набавка на електрични автобуси за Скопје. Откако вчера Мицкоски кажа дека ‘преговараме со странски компании за набавка на 100 електрични автобуси‘, САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша градоначалничката Арсовска кој тоа преговара за набавка на автобусите, дали Градот или партијата ВМРО-ДПМНЕ, зошто се водат преговори со компании наместо да се распише тендер и што би добиле тие фирми за возврат.

    Градоначалничката Арсовска вели дека Градот преговара со компании и со фондови каде се обезбедуваат грантови за еко проекти за набавка на еко автобуси, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбата во Скопје. Ниту таа ниту Мицкоски не кажуваат кои се тие компании кои се спремни да дадат пари за да се купат автобуси.

    „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за Скопје и скопските општини, сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните, а кога преговорите ќе ги финализираме истите ќе бидат презентирани во јавноста“, вели Арсовска.

    Градоначалничката вели дека има компании што се заинтересирани да инвестираат во Скопје, од кои има заинтересирани за отворање на фабрика за производство на автобуси.

    „Во моментов се врши дополнителна анализа за обезбедување на ресурси и кога ќе имаме целосен и конкретен план ќе го презентираме во јавноста. Градот е презадолжен за лошо планирани проекти, а во моментов ги решаваме сите спорни прашања со проектите кои се започнати и во кои не биле соодветно планирани сите фази за реализација од претходното раководство“, додава Арсовска.

    Град Скопје во буџетот за 2022 нема предвидено пари за набавка на автобуси, ниту може да земе кредит бидејќи како што има изјавено Арсовска веќе е кредитно задолжен и има многу долгови оставени од претходното раководство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира