ПРЕД СОБРАНИЕ НЕМА ДА ИМА БАРОКНА СЕНДВИЧАРА КАКО ШТО ПРЕДВИДЕ ВМРО-ДПМНЕ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ

    ПРЕД СОБРАНИЕ НЕМА ДА ИМА БАРОКНА СЕНДВИЧАРА КАКО ШТО ПРЕДВИДЕ ВМРО-ДПМНЕ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТОд Општина Центар велат дека за оваа локација е почната постапката за раскинување на договорот бидејќи земјиштето е продадено несоодветно, а несоодветна е и локација. (Фото: К. Попов)

    Барокна сендвичара требало да се постави пред Собранието, кое е објект со висок степен на мерки за безбедност. Власта на ВМРО-ДПМНЕ во време кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, а министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, продала државно земјиште во делот кај Собранието за изградба на една од десетината барокни сендвичари, како надополнување на проектот „Скопје 2014“ во центарот на градот.

    Од Општина Центар велат дека за оваа локација е почната постапката за раскинување на договорот бидејќи земјиштето е продадено несоодветно, а несоодветна е и локација.

    „Во декември 2018 година, Општина Центар од Министерството за транспорт и врски во нејзина надлежност презема предмети кои се однесуваат на договори за отуѓување на државно градежно зедмјиште со јавно наддавање. Еден од тие предмети се однесува и на таканаречените барокни сендвичари, односно киосци, кои веќе се или би биле поставени во централното градско подрачје. Дел од сендвичарите се изградени и се предвидени да се изградат на несоодветни локации, како на пример непосредно пред Собранието на Република Северна Македонија. За оваа локација, на 6 август беше активирана банкарската гаранција на купувачот на земјиштето, а со тоа и формално е започната процедурата за раскинување на договорот на тоа градежно земјиште, кое било вцртано и отуѓено на несоодветен начин и на несоодветна локација“, велат од Општина Центар.

    Власта на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на проектот „Скопје 2014“ продаде државно земјиште на неколку локации во центарот на градот за изградба на барокни сендвичари. Повеќето од нив иако се поставени никогаш не почнаа со работата. Во моментов, единствено работи барокната сендвичара на Кеј 13 Ноември пред хотелот „Холидеј ин“ и онаа на улица Македонија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира