ПРЕКИНАТА ПОСТАПКАТА ЗА ПЛАНОТ ВО ТРНОДОЛ ЗА КОЈ ГРАЃАНИ СЕ СТЕПАА, ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ РЕГУЛАЦИСКИ ПЛАН И ИСПИТУВАЊА НА ЗЕМЈИШТЕТО

    ПРЕКИНАТА ПОСТАПКАТА ЗА ПЛАНОТ ВО ТРНОДОЛ ЗА КОЈ ГРАЃАНИ СЕ СТЕПАА, ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ РЕГУЛАЦИСКИ ПЛАН И ИСПИТУВАЊА НА ЗЕМЈИШТЕТООткако жителите на населбата бараа ДУП да се повлече бидејќи имаа низа забелешки по однос на тоа што е предвидено со измените, Општина Карпош отстапи од намерата тој да се донесе со предвидените измени. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Прекината е постапката за донесување на новиот Детален урбанистички план за населбата Трнодол. Откако жителите на населбата бараа ДУП да се повлече бидејќи имаа низа забелешки по однос на тоа што е предвидено со измените, Општина Карпош отстапи од намерата тој да се донесе со предвидените измени. Граѓаните не дозволуваат да се донесе планот за Градска четврт Ј03 за блок 7 бидејќи сметаат дека со измените Трнодол ќе стане Дебар Маало, ќе никнат згради и ќе се појават свлечишта на земјиштето бидејќи станува збор за брдест предел. Жителите на населбата поради ваквите забелешки два пати не дозволија да се одржи јавна презентација на планот од страна на урбанистите и планерите во Општина Карпош, а втората закажана презентација заврши и со тепачка меѓу граѓани.

    По ваквите реакции на граѓаните Општина Карпош се повлече од донесување на нов план сѐ додека не се остварат барањата на граѓаните.

    „Постапката за донесување на Деталниот урбанистички план е прекината поради отпочнување на постапка за изработка на нов Регулациски план на Генералниот урбанистички план Ј03 од страна на Град Скопје, согласно записникот од одржаната средба на претставници на жителите на населбата Трнодол со Град Скопје и Општина Карпош. Со ребаланс на буџетот ќе бидат предвидени средства за геомеханички, геолошки и хидротехнички истражувања на локалитетот“, се вели во писмото испратено од Општина Карпош до жителите на Трнодол.

     Постоечкиот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Трнодол е донесен уште од 2001, а Општина Карпош во август година предложи нов ДУП за Градска четврт Ј03 за блок 7 за делот околу населбата Трнодол. Пред Предлог-планот, Град Скопје донесе Регулациски план на Генералниот урбанистички план (2011-2022 година) за четврт Ј03, во јуни 2018 година, во кој опфат влегуваат Трнодол, дел од Козле, Жданец и Трнодол.
    Предложениот ДУП-от кој е изработен во согласност со Регулацискиот план и постоечкиот ГУП, според жителите, овозможува нови градби над Трнодол и згради под населбата односно на улицата Козле над одводниот канал. Градоначалникот Стефан Богоев пак тврди дека планот не предвидува никаква нова урбанизација и никнување нова населба над Трнодол.

    За жителите на Трнодол проблемот настанал уште со носењето на Регулацискиот план со кој населбата Трнодол е споена со т.н. Шпанско село.

    „Со Регулацискиот план, Трнодол од 5 хектари се зголемува на 16 хектари со цел да се направи инженеринг на населението и да се дозволи со детален план додавање локации за градба кај бензинската пумпа и над населбата, во ридот. Самата населба веќе е многубројна. Поднесовме претставка до Уставен суд за начинот на донесување на Регулацискиот план од страна на Град Скопје. Бараме да се донесе нов Регулациски план и врз основа на тој да се носи ДУП-от“, рече лани во декември Тошко Мавродиев, жител на Трнодол.
    Граѓаните велеа дека не им треба нов план ниту повисока катност која ќе овозможи изградба на згради во населбата.

    „Брдото се лизга и сега, што мислите дека ќе се случи ако се градат нови куќи и згради над каналот со плус 2.000 жители. Зошто го делат Трнодол, беше една целина, а сега дел е пренесен во Жданец, а дел во Шпанско село. Нам не ние потребен нов ДУП, ние можеме да живееме според постојниот план“, вели Дејан Зенделски, жител на Трнодол.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира