ЗА ЧИИ ИНТЕРЕСИ ГО ПРАВИТЕ ПЛАНОТ – ТРНОДОЛЦИ СТРАВУВААТ ДЕКА СО НОВИ ГРАДБИ ЌЕ ПРОЛИЗГА ВОДНО, А МОЌНИТЕ ГРАДЕЖНИЦИ НЕМА ДА ОДГОВАРААТ

    ЗА ЧИИ ИНТЕРЕСИ ГО ПРАВИТЕ ПЛАНОТ – ТРНОДОЛЦИ СТРАВУВААТ ДЕКА СО НОВИ ГРАДБИ ЌЕ ПРОЛИЗГА ВОДНО, А МОЌНИТЕ ГРАДЕЖНИЦИ НЕМА ДА ОДГОВАРААТПросторот каде се се предвидени три згради се наоѓа над одводниот канал, но жителите на Трнодол не веруваат дека градежните инвеститори ќе ги преземат бараните безбедносни чекори, особено поради постоечката коруптивна пракса на неказнивост. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Населба Трнодол, под планината Водно е една од ретките населби во Скопје во која сѐ уште домувањето е во индивидуални куќи со приземје, еден кат и поткровје. Само еден дел со измени на постоечкиот план во 2013 година, кога градоначалник беше Стевчо Јакимовски, доби можност за градба од приземје, два ката и поткровје, па во тој дел можат да се забележат и неколку повисоки објекти. Останатиот дел се куќи за индивидуално домување и жителите на населбата сакаат тоа така и да остане. Не само поради урбанистичкиот хаос кој што владее во градот и на секој чекор од куќи никнуваат згради на неколку ката, туку и поради близината на планината Водно, брдестиот терен и можноста за појава на свечишта и лизгање на ридот.

    Постоечкиот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Трнодол е донесен уште од 2001, а  Општина Карпош во август година предложи нов ДУП за Градска четврт Ј03 за блок 7 за делот околу населбата Трнодол. Пред Предлог-планот, Град Скопје донесе Регулациски план на Генералниот урбанистички план (2011-2022 година) за четврт Ј03, во јуни 2018 година, во кој опфат влегуваат Трнодол, дел од Козле, Жданец и Трнодол.

    Жителите стравуваат дека ќе никнат нови градби во ридот над Трнодол. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предложениот ДУП-от кој е изработен во согласнот со Регулацискиот план и постоечкиот ГУП, според жителите, овозможува нови градби над Трнодол и згради под населбата односно на улицата Козле над одводниот канал. Градоначалникот Стефан Богоев пак тврди дека планот не предвидува никаква нова урбанизација и никнување нова населба над Трнодол.

    Токму ваквите спротивставени ставови кулминираа на јавната презентација која се одржа вчера во урбаната заедница „Пецо Божиновски-Кочо“, која не ни почната беше прекината поради тепачка меѓу две групи граѓани, а беше нападнат и вработен во Општината Карпош. Граѓаните од Трнодол веднаш штом дојдоа во просториите на урбаната заедница, реагираа дека од страна на општинарите биле донесени луѓе кои не се жители на населбата, туку се партиски активисти за да го бранат планат. Во салата која беше претесна да ги собере ситенад 100 граѓани, веднаш почнаа препукувања меѓу двете групи. Тие пак тврдеа дека се жители или имаат имоти во овој дел. Трнодолци бараа општинарите да ја одложат презентацијата, бидејќи нема услови за работа, викаа по општинарите дека заради одредени интереси овозможуваат нови градби.

    Урбанистите од Општина Карпош и планерите им велеа да им дозволат да го презентираат планот, за да се уверат дека такво нешто нема. Но трнодолци не попуштаа, па во расправијата се вклучија граѓани кои сакаа да чујат што предвидува планот, по што настана расправија, со пцости и навреди, а на крај заврши со тепачка меѓу две групи. Презентација беше прекина, а интервенираше полицијата.

    Презентацијата на планот беше прекината поради тепачка меѓу граѓаните. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За жителите на Трнодол проблемот настанал уште со носењето на Регулацискиот план со кој населбата Трнодол е споена со т.н. Шпанско село.

    „Со Регулацискиот план, Трнодол од 5 хектари се зголемува на 16 хектари со цел да се направи инжинеринг на населението и да се дозволи со детален план додавање локации за градба кај бензинската пумпа и над населбата, во ридот. Самата населба веќе е многубројна. Поднесовме преставка до Уставен суд за начинот на донесување на Регулацискиот план од страна на Град Скопје. Бараме да се донесе нов Регулациски план и врз основа на тој да се носи ДУП-от“, рече Тошко Мавродиев, жител на Трнодол.

    За Деталниот урбанистички план за Трнодол се поднесени 470 анкетни листови.

    „Брдото се лизга и сега, што мислите дека ќе се случи ако се градат нови куќи и згради над каналот со плус 2.000 жители. Зошто го делат Трнодол, беше една целина, а сега дел е пренесен во Жданец, а дел во Шпанско село. Нам не ние потребен нов ДУП, ние можеме да живееме според постојниот план“, вели Дејан Зенделски, жител на Трнодол.

    Градоначалникот Стефан Богоев вели дека револтот кај трнодолци кој кулминираше со тепачка е поради ширење лажни вести и политичка позадина. Тој тврди дека нова населба нема да никне над Трнодол, а за зградите над каналот предвиделе услови како што бараат жителите, за да нема никакво лизгање на земиштето.

    „На тој потег веќе две згради постојат, за една веќе е почната постапка. Ние на овие згради ја намаливме катност од пет на три ката. Во посебните одредби на ДУП-от, во текстуалниот дел се ставени задолженија за сите идни инвеститори да направат геомеханички испитувања на брдото, не само на нивната парцела, туку и на околината и согласно геомеханичките испитувања да мораат да преземат чекори. Тоа подразбира поставување шипови, потпорни ѕидови и слично. Што се однесува до наводната населба над Трнодол, такво нешто нема бидејќи овој план не се однесува за делот над Трнодол и Жданец. Во ДУП-от се вклопени објекти кои веќе постојат, а се наоѓаат во градежната регулациската линија. Овие објекти се изградени одамна, но бидејќи не постоел ДУП биле дивоградби, па со Законот за легализација се веќе легализирани. Околу нив има неколку парцели за кои сопствениците нормално е да бараат план“, вели Богоев.

    Но, жителите на Трнодол не веруваат дека градежните инвститори ќе ги преземат бараните безбедносни чекори, особено поради постоечката коруптивна пракса на неказнивост.

    „За чии интереси го правите планот, за кои моќници? Поставување шипови, потпорни ѕидови кошта колку една зграда, кој инвеститор  ќе се откаже од профит? Ќе ги направат зградите, ќе ги продадат и ќе си одат, а Водно после нека пролизга до Центар“, рече еден трнодолец на вчерашната неуспешна јавна расправа.

    Граѓаните бараат да се донесе нов Регулациски план, а потоа нов ДУП и не веруваат дека градежните инвститори ќе ги преземат бараните безбедносни чекори. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека Регулацискиот план е изработен според одредбите на постоечкиот Генерален урбанистички план кој е во важност до 2021 година и законските прописи.

    „Стандардите за носење на Регулациски планови Градот не ги измислува, ниту се желба на градоначалникот, не можат да бидат желба ни на поединци. Тоа се стандарди кои се пропишани со закон. Начинот на кој го конципиравме Регулацискиот план и е изработен ДУП-от, е дека таму не може да дојде до посериозно поместување во делот на развиена градежна површина, ниту во делот на број на жители. Дали ние ќе споиме една населба со друга не треба да создава стравови, затоа што самиот Регулациски план ги предвидува површините кои треба да бидат развиени и бројот на жители“, вели Шилегов.

    Граѓаните бараат во ДУП да биде избришана Јужната обиколница. Тоа не може да се направи бидејќи е предвидена со постојниот ГУП кој е со важност од 10 години односно до 2021. Додека не се донесе нов Генерален план постоечката инфраструктура не може да се менува. Шилегов на 4 октомври годинава кога најави дека Град Скопје почнува со постапка за изработка на нов ГУП, рече дека Јужната обиколница ќе се избрише бидејќи со нејзината изградба би се уништило голем дел од зеленилото на Водно.

    По вчерашната тепачка, нема нов дтум за одржување на Јавна презентација на планот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари