ПРЕСПА ИСЧИСТЕНА ОД ДЕПОНИИ И ЃУБРЕ, РИДОВИТЕ ПЕСОК ВО ПРЕТОР ОСТАВЕНИ ЗА ПОРАМНУВАЊЕ НА ПЛАЖИТЕ

    ПРЕСПА ИСЧИСТЕНА ОД ДЕПОНИИ И ЃУБРЕ, РИДОВИТЕ ПЕСОК ВО ПРЕТОР ОСТАВЕНИ ЗА ПОРАМНУВАЊЕ НА ПЛАЖИТЕСо механизација се создадоа приоди за влез во езерото, зашто водата е многу повлечена. (Фото: СДК.МК)

    Во Преспа покрај патиштата ги нема старите диви депонии, по овоштарниците расфрлените вреќи, несобраниот смет по контејнерите крај плажите и пешачките патеки. По спроведената акција ,,Моја Преспа, чиста Преспа” иницирана од Општина Ресен, а кон која се приклучија институции, коминалците, невладините организации, јавните личности и уште многу граѓани, во Преспа не остана ѓубре.

    „Чисто е како да сме во Швајцарија. Се можело кога се сакало. Сега најважно ова да се одржува чисто и да не се фрла. Да се казнат сите оние кои ќе се вратат на старите навики и ќе фрлаат на недозволени места“, вели Љубиша Трендафилов кој живее во Швајцарија, а е од потекло од Сливница.

    Во акцијата беа исчистени плажите, околината на болницата во Отешево, мониторинг станицата во Стење, депониите кај Сливница, Коњско, Царев Двор, Рудина, речното корито на Голема Река, патеката од Претор до Сливница и други места.

    Во уредувањето на плажите учествуваше и Инженерската единица на Армијата, па со механизација се создадоа приоди за влез во езерото, зашто водата е многу повлечена. Но, останаа и ридови песок на плажата во Претор. Градоначалникот Живко Гошаревски вели дека тие се оставени за порамнување на плажите, обврска што си ја зеле концесионерите.

    Плажите во Преспа со ситната песок наликуваат на оние во Улцињ. Со повлекувањето на езерото на површина излегоа школките, па сега песокот на одредени места е измешан со дробена школка што дава уште поубав изглед. Песочните плажи се рај за децата, но и езерото е многу привлечено, па во Сливница дури и до 50 метри од брегот е плитко.

    Преспа е чиста, времето топло, но нема туристичка навала како лани. Туристите оваа сезона заминаа претежно во странство, па хотелите, бунгаловите, камповите кои минатиот јули беа пред време резервирани, сега имаат слободни легла. Во ресортот „Лејквју“ во Отешево една двокреветна соба со ноќевање и појадок чини 2.450 денари. Во хотел „Рива“ 1.886 денари ноќевање за двајца со појадок. Бунгаловите во Крани се 1.500 денари со 4 легла од ноќ, а камповите се по 700 денари од вечер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира