ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОВЛЕЧЕНО ЗА ДЕСЕТИНА МЕТРИ ОД ЛАНСКОТО ЛЕТО

    ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОВЛЕЧЕНО ЗА ДЕСЕТИНА МЕТРИ ОД ЛАНСКОТО ЛЕТОВодата е повлечена и во Претор, каде може да се распознае дел од дното што е излезено на површина, а брегот е распослан со мали бели школки (Фото: СДК.МК)

    Нова еколошка катастрофа доживува Преспанското Езеро, водата е повлечена за десетина метри од минатото лето. На една од најромантичните плажи, Дупени Бич кај Маркова Нога, водата повлекувајќи се создаде мали островчиња. На крајбрежјето треба да поминете дваесетина метри низ тиња и вода до глужд за да влезете во езерото. Водата е повлечена и во Претор, каде може да се распознае дел од дното што е излезено на површина. Овој дел од брегот распослан е со мали бели школки.

    На една од најромантичните плажи, Дупени Бич кај Маркова Нога, водата повлекувајќи се создаде мали островчиња (Фото: СДК.МК)

    „За жал, водата по наша проценка е повлечена десетина метри. Со ова продолжува повлекувањето на водата во Преспа во последните години. Во овој дел од годината порано врнеше снег, а сега е како во пролет. Нема врнежи да го наполнат езерото“, вели рибарот Миле Јовановски од село Штрбово.

    Повлекувањето и надоаѓањето на водата во Преспанското Езеро циклично се повторува во зависност од климатските промени. Научните истражувања што беа направени во рамки на проектот на НАТО „Одржливост на меѓународните води на Преспанското Езеро“ покажа дека водата од овој езерски басен преку понири и шуплини под Галичица се влева во Охридското Езеро. Меѓу двете езера има 150 метри висинска разлика што значи дека водата истекува кон Охридското Езеро.

    Со ова продолжува повлекувањето на водата во Преспа во последните години. Во овој дел од годината порано врнеше снег, а сега е како во пролет, нема врнежи да го наполнат езерото (Фото: СДК.МК)

    Инаку, златните денови кога Преспанското Езеро имаше најмногу вода беа во 1960-те. Тогаш се претпоставува дека езерото располагало со 5 милијарди кубни метри вода. По повлекувањето што следувало подоцна езерото стигна до 3,5 милијарди кубици вода.

    До пред две години, поради обилните врнежи езерото надоаѓаше, но од лани есента па навака се повлекува. Сепак, дури и во вакви моменти воодушевуваат езерските пејсажи опколени со планински врвови, долгите песочни плажи и чистиот воздух. Преспа и во зима е одлично место за прошетки, посебно за да се избега од градскиот загаден воздух.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира