ПРЕСУШИ РЕКАТА БАБУНА

    ПРЕСУШИ РЕКАТА БАБУНАКоритото на реката Бабуна во долниот тек е суво веќе три недели (Фото: СДК.МК)

    Пресуши реката Бабуна во долниот тек. Последните три недели нема капка вода во коритото, па место риби кај мостот близу село Војница пасат кози. Мештаните кои тука имаат ниви се жалат дека не можат да ги наводнуваат, оти нема вода.

    „Од кај 20-ти август вода нема во реката. Пресуши. Се уништи и рибниот фонд и растителниот свет, ова е пострашно о се`. Вака не било дваесет години, реката да пресуши“, вели жител од населбата близу селата Војница и Ораовец.

    Изворите на Бабуна, која е десна притока на Вардар (Фото: СДК.МК)

    Бабуна е десна притока на Вардар. Таа извира под врвот Солунска Глава на планината Јакупица. Има должина од 65 километри, а нејзиното сливно подрачје зафаќа површина од 612 км2. Покрај тоа што на Јакупица има големи басени со вода, тоа е недоволно за реката по селото Мартолци, да продолжи да тече. Од Здружението на спортски риболовци потврдуваат дека реката годинава е пресушена.

    „За жал, годинава има лоши временски услови, малку врнежи и реката Бабуна во еден дел од нејзиниот тек е пресушена. До пред некоја година имавме концесија на реката, но ја откажавме од овие причини, оти преку лето имаше мало количество на вода, не вака да пресуши. Поради тоа не можеше на неа да се одвива спортски риболов. Потребна е некоја акумулација за да може реката да има постојано вода. Еве откако се изгради акумулацијата ‘Лисиче’ реката Тополка има постојно вода“, вели Томе Илиевски секретар на ЗСР „Бабуна“.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари