ПРЕТСЕДАТЕЛЕ И ПРЕМИЕРЕ СТОПИРАЈТЕ ЈА ИЗГРАДБАТА НА РУДНИЦИТЕ, ПОБАРАА ГРАЃАНИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ВАЛАНДОВО

    ПРЕТСЕДАТЕЛЕ И ПРЕМИЕРЕ СТОПИРАЈТЕ ЈА ИЗГРАДБАТА НА РУДНИЦИТЕ, ПОБАРАА ГРАЃАНИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ВАЛАНДОВО„Претседателе Иванов, твоите пријатели и роднини ти испраќаат порака дека сакаат да живеат во Валандово и немаат намера да се иселат. Премиере Заев во твоето родно место се спрема отварање на рудникот Иловица а во Радовиш –Боров дол“, порачаа на денешниот протест граѓаните (Фото:СДК.МК)

    Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев да се заложат и да ги искористат сите правни механизми за стопирање на изградбата на рудници во Југоистокот. Ова е апелот што го упатија граѓанските иницијативи и здруженија од Југоисточна Македонија кои се противат на отварање рудници во најземјдоелскиот регион во Македонија. Според нив властите конечно треба да преземат конкретни чекори и да го слушнат гласот на граѓаните кои не сакаат рудници до своите домови.

    „Претседателе Иванов, твоите пријатели и роднини ти испраќаат порака дека сакаат да живеат во Валандово и немаат намера да се иселат. Премиере Заев во твоето родно место се спрема отварање на рудникот Иловица, а во Радовиш рудникот Боров Дол. Во ваши раце е судбината на овие граѓани и на првиот работен ден донесете одлука за времено стопирање на сите активности во овие рудници сè  додека не се расчисти со ова зло”, рече Ангел Наков од Гевгелија, кој најави кривична пријава против повеќе луѓе од претходната власт сомневајки се дека се директно инволвирани во незаконското делење концесии за истражувања и експлоатации.

    Активисти од Валандово, Гевгелија, Богданции, Дојран и Струмица протестираа речиси два часа при што го блокираа патниот правец кон Скопје. Тие во иднина ќе дејствуваат како заедничка асоцијација „Југоистокот против рудници“. До Владата доставија повеќе барања.

    „Мораториум на изградбата на рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол, стопирање и ревизија на сите 86 доделени концесии за рудници од пораншената влада, формирање на независна група со цел транспарентен увид на сета документација во врска со концесиите и дозволите за експлотација“, кажа Симона Гетова од Валандово.

    Активистите против рудници добија подршка и од СОС Халкидики кои сметаат дека работењето на овие рудници ќе предизвика последици и во северна Грција.

    Југоистокот против рудници најави протести и блокади и во Струмичкиот Регион, каде во фаза на подготовка е изградба на рудникот за злато Иловица на Огражден.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира