ПРИФАТЕНА ЖАЛБАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЛИЕВСКА ПРОТИВ РЕШЕНИЕТО НА ИНСПЕКТОРОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

    ПРИФАТЕНА ЖАЛБАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЛИЕВСКА ПРОТИВ РЕШЕНИЕТО НА ИНСПЕКТОРОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВАВторостепената комисија го пониши решението на инспекторот од 18 мај, со кое Илиевска беше опоменета дека згрешила што ја прекинала 26. седница. (Фото: СДК.МК)

    Второстепената државна комисија за одлучување на инспекциски надзор ја уважи жалбата на претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, која таа ја поднесе против решението на државниот инспектор за локална самоуправа за спорната седница прекината на 20 април годинава. Второстепената комисија утврдувајќи одредени неправилности, го пониши решението на инспекторот од 18 мај годинава со кое Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку беше опоменета дека згрешила што ја прекинала 26. седница.

    Илиевска побара вонреден инспекциски надзор врз случувањата во Советот, откако на 20 април ја прекина седницата со образложение дека постапила по член 65 од Деловникот за работа и дека по напуштањето на седницата на советниците од СДСМ сакала да направи дополнителни консултации со советничките групи.

    Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ избраа друг претседавач на седницата и ја продолжија, па беа изгласани завршните сметки на јавните претпријатија од кои дел се со загуби. Седницата продолжи и следната недела, кога локалното мнозинство предвоидено од ВМРО-ДПМНЕ постигна кворум со Левица и ДОМ. По ова се распадна локалното мнозинство предводено од ВМРО- ДПМНЕ во Советот, во кое учествуваше и Поинаку и настана политичка криза.

    Илиевска има поднесено жалба уште на едно решение донесено од истиот Инспекторат за локална самоуправа со кое таа и мнозинство советници беа опоменети за неправилности при донесените решенија за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори во шест јавни претпријатија. Тогаш вонредниот инспекциски надзор беше извршен по барање на градоначалникот Тони Коњановски, откако на први јуни годинава советниците на СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ, кои создадоа своевидно ново мнозинство во Советот, гласаа за разрешување на управувачките тела на Водовод, Комуналец, Пазари, Паркинзи, Жабени и КИЦ, кои според завршните сметки покажаа загуби во работењето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира