ПРИЈАВЕТЕ ШТЕТИ ОД ПОПЛАВАТА ПО НЕВРЕМЕТО, ПОВИКА ОПШТИНА БИТОЛА

    ПРИЈАВЕТЕ ШТЕТИ ОД ПОПЛАВАТА ПО НЕВРЕМЕТО, ПОВИКА ОПШТИНА БИТОЛАНајголеми штети се предизвикани во пониските делови на Битола, поточно во населбата Јени Маале во близина на железничката пруга, каде по улиците, дворовите и куќите имаше и по 40 до 50 сантиметри вода. (Фото: СДК.МК)

    Штети врз објекти, покуќнина и возила остави синоќешната поплава во Битола, кога за 15 минути наврнаа 36 литри на метар квадратен дожд. Најголеми штети се предизвикани во пониските делови на Битола, поточно во населбата Јени Маале во близина на железничката пруга, каде по улиците, дворовите и куќите имаше и по 40 до 50 сантиметри вода.

    „Сѐ она што буквално цел живот сум го вложувал ми се уништи. Штетата е огромна, буквално сѐ е уништено. Од кревети, мебел, маси, столици, паркетот подигнат. Ноќеска беше хаос, девојчето пиштеше од страв. Се насобра вода околу 40 сантиметри и преку трите скали влезе во куќата. Од јавните претпријатија со моторчиња ја испумпаа водата од дворот. Но, што дека се спаси дворот, кога куќата ми се уништи“, рече Тони Марковски, жител на Јени Маале.

    На дел од жителите и возилата им пливаа во надојдената вода. Тие се жалат дека не само дождот, туку поплавата била предизвикана и од каналот кој пред десетина години кога се градел обиколниот пат М5 бил прекинат.

    „Ни се случи големата вода, заврна голем дожд, надојде водата и немаше каде да истекува. Така е зашто каналот, испустот кон железничката пруга, е затворен зашто патот пред десет години кога го правеа со новиот колектор не му пуштија цевка. И поради тоа тука ни изби водата. Таму да се пушти цевка 600-700 метри треба“ , вели Крсте Трајчевски чие возило беше поплавено до шофершајбна.

    Во текот на вечерта имаше и поплавени визби и долни катови од згради кои биле изградени без канализација за атмосферска вода, а некои и под потребното висинско ниво.

    Екипи на јавните преторијатија во Битола цела вечер останаа на терен за да ја санираат состојбата со поплавата. Денес Кризниот штаб изврши увид.

    „Уште при првите повици јавните преторијатија и Пожарната делуваа на терен, се работеше целата ноќ на расчистување на критичните точки, во текот на денот ќе следува дорасчистување и дезинфекција. Преку својата страница, Општина Битола упати и повик до граѓаните кои имаат штети да достават барање по што ќе следува комисиски увид и овозможување на поддршка на оние кои претрпеа штети“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Запрашана дали постоечката канализациона мрежа може да прифати толку обилен дожд, таа одговори дека по запирањето на врнежите во повеќето критични точки водата се повлече, што покажува дека сепак подискутабилна беше поројноста на дождот, отколку канализациониот систем, кој може секогаш да се подобрува.

    „По поплавата во делот на шахтите имаше насобрано камења, што значи дека ако немало вшмукувачки ефект , немало на тоа место да има насобрани камења“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира