ПРИЛЕПЧАНКИ НАЈМНОГУ СТРАДААТ ОД ДЕПРЕСИЈА, ЦЕНТРИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НЕ РАБОТАТ ДОБРО

    ПРИЛЕПЧАНКИ НАЈМНОГУ СТРАДААТ ОД ДЕПРЕСИЈА, ЦЕНТРИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НЕ РАБОТАТ ДОБРОЦентрите за лекување депресија отворени од Министерството за здравство не ја остварија целта оти никогаш не проработија како треба, велат лекарите кои се соочуваат со постојан раст на болеста во Прилеп; - од карневалот во Прилеп со настапот на „Мечкарите“ (Фото: СДК.МК)

    Според медицинските стручњаци во Психијатрискиот оддел во прилепската болница, расте бројот на болни од депресија. И од Центарот за јавно здравје потврдуваат дека последниве неколку години евидентно расте бројот на лица коишто бараат лекарска помош. Најчесто од депресија страдаат жените, или две третини од вкупниот број пациенти. Современите услови за живот, расчекорот меѓу потребите и можностите, вкупната политичко-економска состојба во државата последните години, покрај наследниот фактор се меѓу причините за поголемата зачестеност на оваа болест меѓу прилепчани.

    „Минатата година се евидентирани 280 пацинети со депресија, а 231 во 2012. Најголем број заболени имало 2014 – 318. Најголем број од нив се жени, така што лани од вкупниот број заболени, само 60-мина биле мажи“, велат од одделот за статистика во Центарот за јавно здравје.

    Медицинските стручњаци појаснуваат дека депресијата се јавува често во областите каде има генерални стресови, како што е овој македонски регион на Балканот, којшто е континуирано под стресови на егзистенцијални закани. Така што, тврдат дека очекувано е една од реакциите на граѓаните да биде депресијата.

    „Никој не е ниту вакциниран, ниту имун на оваа состојба. Со оглед на турбулентните случувања на социјалното милје, нашето опкружување, депресијата е многу присутна или како афективно растројство или како симптом којшто се појавува во рамките на општиот адаптационен синдром. Една од реакциите на стресот е депресијата“, вели Јован Велески, клинички психолог, специјалист по медицинска психологија и експерт за стрес и стресни состојби во прилепската болница.

    Тој истакнува дека тоа депресивно однесување доаѓа како резултат на чувството на безнадежност, што како социо-патолошка појава е валидно присутно на овие простори со губење на интерес и задоволство во своето социјално опкружување, зашто човекот не може да се реализира како професионалец, ниту лично.

    „Македонија, а особено Пелагонија, се одликува со луѓе кои имаат висока интелектуална способност, па ако не ги остварат своите цели или се потиштени, губат интерес за оваа околина или заминуваат од овој регион и бараат подобри места за живот“, додава Велески.

    Според негова оценка, центрите за лекување депресија отворени од Министерството за здравство не ја оствариле целта досега.

    „Имаше обиди на СЗО да укаже на тоа, обучи 40-ина професионалци да се справуваат со депресија. И Министерството за здравство презеде акција со која што во државата се отворени одреден број центри, во коишто треба да се превенира депресијата и да се даваат совети. Но, тие центри никогаш не проработија онака како што треба“, вели Велески.

    М. ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира