Главното пристаниште во Охрид повторно се рони. На делот кој служи за спуштање пловни објекти во езерото видливо е оштетувањето. Паднати се камењата и подлогата.
Во Капетанија во Охрид, чија зграда се наоѓа токму пред пристаништето, најавуваат сaнација на двете главни пристаништа на бродови во Охрид и во Свети Наум.
„Поради неповолните временски услови, бранови и студени зими страдаат делови од пристаништето. Но, тоа не се одразува врз безбедното одвивање на езерскиот сообраќај. Оштетувањата се санираат. Наскоро ќе има објава за набавка на услуги за санација на пристаништата во Охрид и во Свети Наум кои се главните прифатилишта на големите бродови. Очекувам на тој начин за подолг период да се разрешат проблемите со кои се соочуваме”, вели капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијаноски.
Според достапните податоци, пристаништето во Охрид е изградено кон средината на 1940-те години. За неговата градба се користени посебен вид камења и колја што го одржаа сите oвие децении. Имаше и неколку обиди за негово санирање, но сега се гледа дека му се потребни потемелни градежни зафати.
Д. ЧУБРИЌ