ПРИВРШУВА ОБНОВАТА НА „СВ. ВЛАСИЕ“ ОД 14. ВЕК, СЕ ВЕРУВА ДЕКА СО ОСТАНАТИТЕ ТРИ ЦРКВИ ФОРМИРАЛE КРСТ НА ШТИПСКАТА ТВРДИНА ИСАР

    ПРИВРШУВА ОБНОВАТА НА „СВ. ВЛАСИЕ“ ОД 14. ВЕК, СЕ ВЕРУВА ДЕКА СО ОСТАНАТИТЕ ТРИ ЦРКВИ ФОРМИРАЛE КРСТ НА ШТИПСКАТА ТВРДИНА ИСАРНа врвот на тврдината Исар се вршат археолошки истражувања, зашто се верува дека тука се наоѓаат темелите на црквата „Св. 40 маченици“ (Фото: СДК.МК)

    Во завршна фаза на конзервација и реставрација е црквата „Св. Власие“, која во 14. век била подигната на северозападната страна на штипската тврдина Исар. Нема податоци кога и од кои причини црквата останала само на своите темели, дали била недоизградена или срушена, но сите истражувања упатуваат на симболиката дека таа заедно со останатите две во подножјето на Исарот и една на самиот врв на другата страна на тврдината претставуваат крст.

    Ова го тврди и вишиот конзераватор и археолог Митко Штерјов, кој е и директор на Музејот во Штип. Тој пред неколку години започна со целосна конзервација и реставрација на археолошкиот локалитет Св. Власие, како продолжение на истражувањата што се вршеа во изминатите години на самиот врв на тврдината, каде што, според негови предвидувања, се наоѓа четвртиот црковен објект посветен на Светите 40 маченици.

    Во подножјето на Исар од северозападната страна се откриени темели на црквата „Св. Власие“, кои се во завршна фаза на реставрација (Фото: СДК.МК)

    „На местото каде што најдовме темелни остатоци од црквата ‘Св. Власие‘ со европски проект во вредност од 180.000 евра и со помош на Министерството за култура и општината извршивме конзервација и реставрација на сите ѕидни платна со камен и опус со надѕидување до 1,5 метри. Апсидалниот дел од надворешната страна и периметралните ѕидови на црквата се реставрирани со обработен камен, песочник, каков што има покрај Брегалница“, вели Штерјов.

    Според него, во внатрешноста на објектот е реставриран северозападниот столб во висина од 0,7 метри. Со камени плочи ќе се реставрира и целата површина на подот со големина на помало фудбалско игралиште. Кон црквата од западната страна ќе води пристапна камена патека во должина од 146 метри.

    Штерјов вели дека кај црквата и на самиот врв на тврдината Исар се откриени гробови од римскиот период, како и раноантички украсни садови, карактеристични за 4. и 3. век пред нашата ера.

    „Откриените артефакти укажуваат дека на овие локации на Исарот се вршело крунисувањето на пеонските кралеви, што е споменато и од стариот литерат и автор Полиен. Тој напишал дека во 3. век пред нашата ера во реката Брегалница, тогаш Астибо, се вршело ритуално капење на пеонските кралеви како чин на нивното крунисување“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира