ПРОПАЃА ПЛОЧНИКОТ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА, ОСТАВЕНА ДА СЕ РАСПАЃА ЦЕНТРАЛНАТА ПЕШАЧКА ЗОНА ВО СКОПЈЕ ВРЕДНА МИЛИОН ЕВРА

    ПРОПАЃА ПЛОЧНИКОТ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА, ОСТАВЕНА ДА СЕ РАСПАЃА ЦЕНТРАЛНАТА ПЕШАЧКА ЗОНА ВО СКОПЈЕ ВРЕДНА МИЛИОН ЕВРАЦентралната пешачка улица во главниот град е оставена да се распаѓа, не ја одржуваат ни Град Скопје ниту Општина Центар. (Фото: СДК.МК)

    Пропаѓа плочникот на улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Долж улицата на неколку места плочките не само што се искршени туку се и пропаднати.

    Веќе подолго време, централната пешачка зона во главниот град е оставена да се распаѓа и ни Град Скопје ниту Општина Центар не ја одржуваат. Освен што плочките се искршени и пропаднати, улицата е валкана, корпите преполни со отпадоци, низ улицата слободно влегуваат коли и комбиња за дотур на стока. Не се чисти редовно, а ниту се мие. Се чека да заврне па се исчисти сета насобрана прашина која се таложи.

    Дел од улицата е заградена со стакленици на кафулиња, како и со тараби од градилиштето за црквата „Свети Константин и Елена“.

    Од Општина Центар велат дека не интервенираат на улица Македонија оти е под надлежност на Град Скопје. Од Градот, пак, како и цел двегодишен мандат на градоначалничката Данела Арсовска и сега не добивме одговор на прашањето зошто се дозволува централната пешачка улица да пропаѓа и зошто не се реновира со оглед на тоа дека е во очајна состојба.

    Сегашниот изглед улица Македонија го доби во време на ексградоначалничката на Општина Центар Виолета Аларова, беше пуштена во декември 2004 после една година градежни работи. За реконструкцијата на улицата Општината Центар тогаш потроши околу еден милион евра. Обновени беа атмосферската, фекалната и водоводната мрежа, за да може подземната инфраструктура да издржи во наредните триесетина години. Првиот дел на градското шеталиште е со површина од 2.200 квадратни метри, а се протега од „Пелистер“ до улицата Димитрија Чуповски. Вториот дел е со површина од 6.500 квадратни метри, се протега од улицата Димитрија Чуповски до Даме Груев и ги опфаќа двата крака на улицата Луј Пастер, кон киното „Култура“ и кон зградата на „Лотарија на Македонија“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира