НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СЕ СПОДЕЛУВА СПИСОК СО ИМИЊА НА СТРУМИЧКИ ОДБОЈКАРКИ ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС, КЛУБОТ БАРА ОДГОВОРНОСТ

    НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СЕ СПОДЕЛУВА СПИСОК СО ИМИЊА НА СТРУМИЧКИ ОДБОЈКАРКИ ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС, КЛУБОТ БАРА ОДГОВОРНОСТОд ОК Виктори волеј кажаа дека пред десетина дена коронавирусот бил откриен кај две одбојкарки, и бараат кривичо да се гони тој што споделил список со имиња на малолетни лица. (Фото: СДК.МК)

    По социјалните мрежи од синоќа се споделува список на одбојкарки од Струмица заразени со коронавирус. Станува збор за членки на ОК Виктори волеј, од каде денеска реагираше претседателот на клубот Андон Василев, кој најави кривични пријави и ги повика одговорните институции да покренат истрага за да се открие креаторот на листата. Според него, нарушен е угледот како на девојчињата кои се главно малолетни, така и на клубот, кој се натпреварува во Првата лига.

    Василев призна дека пред десетина дена во клубот бил откриен вирусот кај две девојчиња поради што добар дел од сениорскиот тим е во самоизолација. Но, како што кажа, недозволиво е да се објавуваат имиња на малолетнички дека се позитивни, кои притоа немаат никакви симптоми.

    „Бидејќи ни е нанесена голема штета, веќе ги запознавме сите институции и верувам дека виновникот кривично ќе биде гонет. За нас е најважно дека девојчињата се добро, а сите ние останати за два-три дена ќе завршиме со самоизолацијата. Срамот што ни е нанесен од некои неодговорни луѓе на социјалните мрежи веруваме дека ќе биде казнет“, ни изјави Василев.

    Во Струмица деновиве постојано расте бројот на новозаболени. Од почетокот на пандемијата, во овој регион се регистрирани 112 позитивни случаи, од кои над 50 се активни. Според Институтот за јавно здравје, досега починаа шест лица од ковид-19.

    Општинските власти вчера одржаа координативен состанок, при што состојбата со коронавирусот во Струмица ја оценија како загрижувачка, со оглед дека последниве денови новозаболените се од помладата популација, на возраст од 15 до 30 години.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира