Кандидатите за полагање возачки испит и вработените од автошколите од Велес протестираа пред полигонот за обука и полагање, оти не работи пет месеци. Толку време кандидатите не можат да полагаат, а автошколите ги обучуваат во соседните градови.
„Овој полигон за нас е живот, средство за работа а пет месеци е затворен. На кандидатите може да им истече лекарското уверение и рокот за полагање тестови за возачки испит. Ова ни создава сериозна тешкотија да обезебедиме плата, нови кандидати не се пријавуваат. Постојните ги носиме на обука во Штип и Кавдараци“, вели Слободан Митев, сопственик на автошкола.
Сопствениците на автошколите до МВР и СВР Велес упатија апел да се изврши итна контрола на полигонот и тој да биде пуштен во работа најбрзо, бидејќи сметаат дека констатираните недостатоци се отстранети. Ако не биде во функција, за следната седмица најавија блокада на улиците од градот.
„Полигонот е затворен поради тоа што не ги исполнува условите наведени во член 283 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програмата за обука, стручен кадар, опремата со која треба да располага, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидатите за возачи. Евидентираните недостатоци уште не се отстранети, иако се работи на нив“, соопштија од СВР Велес.
Полигон е изграден во 1974 година и досега низ него се обучувале и положиле генерации и илјадници кандидати.
П. ПЕЧКОВ