ПРОТЕСТ ПРОТИВ СООБРАЌАЈНОТО НАСИЛСТВО ВО СКОПЈЕ НА МЕСТОТО КАДЕ ЗАГИНА 24-ГОДИШНАТА РАДОВИШАНКА ПРЕГАЗЕНА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН

    ПРОТЕСТ ПРОТИВ СООБРАЌАЈНОТО НАСИЛСТВО ВО СКОПЈЕ НА МЕСТОТО КАДЕ ЗАГИНА 24-ГОДИШНАТА РАДОВИШАНКА ПРЕГАЗЕНА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНВо сообраќајната несреќа кај „Сити мол“ во Скопје на 20 јануари беше прегазена и почина Викторија Николова која минувала на пешачки премин. (Фото: МИА)

    Протест против сообраќајното насилство се одржа денеска на раскрсницата кај „Сити мол“ во Скопје, на местото каде на 20 јануари загина прегазена на пешачки премин 24-годишната Викторија Николова од Радовиш. На протестот, организиран од нејзиното момче кое беше повредено во сообраќајката, учествуваше семејството и околу 200 луѓе, а на местото на несреќата беа положени цвеќиња и запалени свеќи.

    Во најавата на Фејсбук за протестот, организаторот вели дека целта е „да се стави крај на бeзобзирното возење низ улиците во државата и да ја подигнеме свеста на учесниците во сообраќајот дека нашите деца, а и самите ние треба да се движиме слободно на пешачките зони и по тротоарите, затоа што тоа е единственото место каде што пешаците треба да се чувствуваат слободно“.

    Николова вечерта на 20 јануари беше прегазена од возило управувано од Ј. Ѓ. (1999) од Скопје, на раскрсницата кај „Сити мол” преминувајќи го булеварот Партизански одреди, почина на самото место, а нејзиното момче Л. Д. (1997) од Радовиш беше полесно повредено.

    Изминатава недела во Скопје загинаа тројца пешаци минувајќи на пешачки премин.

    На 21 јануари, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ побара од премиерот Димитар Ковачевски, Владата и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во главниот град. Од Иницијативата сметаат дека неодложно треба да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје.

    Од „Шанса за Центар“, која има три советници во Советот на Општина Центар, велат дека активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со ова ќе се растерети и судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци, кои во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира