ПРОТИВПОЖАРНИ АПАРАТИ ИМААТ 22 ОД 590 ЗГРАДИ ВО БИТОЛА, ПЛАН ЗА ЕВАКУАЦИЈА САМО 4, А 243 НЕМААТ НИ ХИДРАНТСКА МРЕЖА

    ПРОТИВПОЖАРНИ АПАРАТИ ИМААТ 22 ОД 590 ЗГРАДИ ВО БИТОЛА, ПЛАН ЗА ЕВАКУАЦИЈА САМО 4, А 243 НЕМААТ НИ ХИДРАНТСКА МРЕЖАОпштината соопшти дека контролите спроведени во училиштата и градинките покажуваат оти тие функционираат како безбедни средини. (Фото: СДК.МК)

    Само 22 згради од вкупно 590 во Битола располагаат со протипожарни апарати. Околу 41 проценти од сите згради, односно 243, немаат хидратска мрежа, a амо четири згради имаат план за евакуација. На ваква состојба наиде Општинскиот инспекторат од Битола задолжен од градоначалникот да изврши вонредни контроли во колективни станбени згради во Битола. Во статистиката не се вклучени уште 50 згради зашто во тек е утврдување на нивната состојба.

    Инспекциските контроли уследија по пожарот во нелегалната кочанска дискотека „Пулс“ на 16 март со 59 жртви од кои 6 деца, и 197 повредени од кои 25 деца.

    Инспекторатот ги задолжи управителите на станбените згради и стабените севиси да ги отстранат недостатоците во најкус можен рок.

    „Инспекторот во обука, согласно своите надлежности, достави известувања до сите станбени сервиси со кои истите се упатуваат дека се должни да постапат согласно член 6 став 3 и член 19 став 1 точка 2 од Законот за домување и во најкус можен рок да ги отстранат сите неправилности во зградите кои се под нивно управување, а тоа вклучува: одржување, поправка и замена на хидранти, хидрантски црева и други хидрантски делови, набавка на нови противпожарни апарати и редовно сервисирање на постоечките, обезбедување на функционалност на противпожарните скали во зградата, одржување, поправка и сервис на лифтови, лифтовски простории и уреди, како и технички преглед на истите, поправка на оштетените и замена на дотраените фасади, фасадни облоги и елементи на фасади“, соопштија од Општина Битола.

    Известувањето со констатираната состојба е испратено и до Државниот комунален инспекторат, како надлежен за постапување и утврдување на состојбата на терен.

    Од Општината соопштија и дека контролите спроведени во училиштата и детските градинки, покажуваат дека овие институции функционираат како безбедни средини. Опремени се со противпожарни апарати, како и обучени вработени, додека хидрантски мрежи има секаде каде што може да се инсталираат. За исправноста на протовожарните апарати или хидрантската мрежа надлежни се лиценцирани фирми кои ги одржуваат, а секаде каде што ќе се појави потреба од дополнување на опремата, тоа ќе биде направено по изготвувањето на финалните извештаи во координација со сите надлежни институции, најдоцна до средината на овој месец.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира