ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ ЈА ГРАДАТ АВСТРИЈЦИ, А БУГАРИТЕ ЌЕ ЗАВРШАТ НА СУД

    ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ ЈА ГРАДАТ АВСТРИЈЦИ, А БУГАРИТЕ ЌЕ ЗАВРШАТ НА СУДПругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното (Фото: СДК.МК)

    За недоизградената пруга од Битола до грчка граница ќе се води судски спор, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој не прецизираше против кого ќе биде поведен спорот, но рече дека веќе имало дејствија за откривање на одговорните лица кои не го завршиле проектот.

    „Судска постапка ќе се води во делот на одговорноста. Сѐ што имаме поврзано со овој случај доставуваме до органите на проганот. Тие малверзации ги открива обвинителството“, рече Сугарески.

    Пругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното. Пругата се градеше со пари од европските фондови и требаше да биде готова до лани летото. Но, не се исплатија обврските кон подизведувачите, па работниците престанаа со работа. Некои од нив го тужеа бугарскиот конзорциум пред судот во Софија. Беше изграден само еден километар од предвидените 17, за што беа потрошени околу 4,5 милиони евра.

    По раскинувањето на договорот со бугарскиот конзорциум, беше распишан нов тендер на кој за изведувач се избра австриската компанија „Штрабаг“ која во текот на следната година ќе има обврска целосно да ја изгради пругата. Во спротивно останатите 14 милиони евра европски пари, ќе пропаднат зашто лимитот за искористување е до  крајот на идната година.

    „Во однос на железничката пруга потпишан е договор со изведувач и очекуваме да отпочнат тие активности кои следната година би финиширале и би добиле железнички правец кој би не поврзал со Република Грција“, рече Сугарески.

    Покрај изградбата на пругата кон Грција, тој најави дека се подготува и проектна документација за изградба на експресен пат од Прилеп за Битола до граничниот премин Меџитлија. Но, не сакаше да прецизира рокови. Во меѓувреме, на пролет ќе почне реконструкција на постоечкиот пат од Битола за грчка граница, за што се обезбедени 2 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира