РАБОТОДАВАЧИТЕ НЕ ГИ ПУШТААТ РАБОТНИЦИТЕ ОД ШТИП ВО САБОТА ДА ОДАТ НА РЕВАКЦИНА, ВАКЦИНИРАЊЕ ИМА САМО ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ

    РАБОТОДАВАЧИТЕ НЕ ГИ ПУШТААТ РАБОТНИЦИТЕ ОД ШТИП ВО САБОТА ДА ОДАТ НА РЕВАКЦИНА, ВАКЦИНИРАЊЕ ИМА САМО ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМРегионалниот пункт во Штип престана да работи, а вакцинирањето продолжува во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“. (Фото: СДК.МК)

    „Денеска повеќе вработени во штипски фабрики требаше да дојдат да примат ревакцина, но ги нема оти како што биле информирани, работодавците не ги пуштааат од работа“, велат дежурните сестри во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ кој денеска работеше до 10 часот, а од наредната недела вакцинирање ќе има само од понеделник до петок. Поради намалениот број луѓе за (ре)вакцинирање, вакционалниот пункт повеќе нема да работи во саботите и неделите.

    Во Источна Македонија веќе втора недела речиси секојдневно се зголемува бројот на новозаболени со ковид-19, а регионалниот вакцинален пункт во Штип што пред три месеци се отвори за граѓаните од овој регион се затвори. На влезната врата на спортската сала „Јордан Мијалков“, во која досега се вакцинираа 30. 000 граѓани од Штип, Кочани, Струмица, Виница, Берово, Делчево, Радовиш и Пробиштип, ставена е табла со натпис дека пунктот е затворен и дека вакцинирањето продолжува во Здравствениот дом во Штип.

    Докторите од другите градови кои беа ангажирани во регионалниот пункт се вратија на работа во своите места, а распуштени се и волонтерите од Црвен крст и студентите од Медицинскиот факултет во Штип кои три месеци помагаа на оние кои доаѓаа за вакцинирање. Медицинскиот персонал од Штип исто така е вратен во своите ординации, а дел и натаму се вклучени во вакцинирањето во Здравствениот дом, каде цел оддел од зградата е пренаменет за вакцинирање.

    Овде во тек е ревакцинацијата на оние кои во изминатите три недели ја примиле првата вакцина. Дневно се ревакцинираат околу 500 граѓани. Истовремено, во овој пункт се даваат и првите дози, но тој број не е многу голем. Бројот на младите до 18 години кои примиле прва вакцина е 40, а исто толку се пријавиле за прва доза и на возраст до 30 години. Медицинарите во Здравствениот дом велат дека за вакцинирање се примаат и оние граѓани кои не се преку мој термин или не се пријавиле, а пројавиле интерес да се вакцинираат.

    Во Штип во последните две недели речиси секојдневно се регистрира најмалку по еден нов ковид позитивен, а до вчера има десет активни болни. Во Кочани има 15, во Берово 10, или вкупно со другите градови во регионот има околу 50 активни болни, од кои поголемиот дел се хоспитализирани на Инфективните одделенија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира