РАЗРЕШЕН ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ НА „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ САШО ДРАНГО, ДВА МЕСЕЦА ОТКАКО СЕ СЛИКАШЕ СО ОТЕПАНА МЕЧКА И СО ПУШКА

    РАЗРЕШЕН ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ НА „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ САШО ДРАНГО, ДВА МЕСЕЦА ОТКАКО СЕ СЛИКАШЕ СО ОТЕПАНА МЕЧКА И СО ПУШКАНа фотографијата, за која се смета дека е од декември 2024 година, Дранго носи пушка со снајперски нишан, поради што од „Анима мунди“ обвинија дека тој ја застрелал мечката, класифицирана како дивеч под заштита. (Фото: Анима мунди)

    Два месеца откако во јавноста излезе фотографијата на која позира со убиена мечка, Сашо Дранго е разрешен од функцијата заменик-директор на „Македонија пат“. На негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.

    На 2 јануари,невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ објави фотографија на која Дранго позира со убиена мечка. На фотографијата, за која се смета дека е од декември 2024 година, Дранго носи пушка со снајперски нишан, поради што од здружението обвинија дека тој ја застрелал мечката, класифицирана како дивеч под заштита.

    Дранго, кој е и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, за медиумите тврдеше дека мечката со која позира на фотографијата била усмртена во сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен, по што со вработените од „Македонија пат“ ја тргнале од патот, а тој притоа се фотографирал со неа. Тврдеше дека за несреќата има и полицикси записник, но од битолската полиција негираа дека во декември лани имало таква пријава.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола, по допрен глас против Дранго оформи предмет на кој уште работи. Во рамки на предистрагата деновиве требаше да биде сослушан и тој.

    Премиерот Христијан Мицкоски на 7 јануари изјави дека ќе биде итно резрешен и повикан на одговорност ако се потврдат тврдењата дека ја застрелал мечката.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира