Додека вниманието на јавноста денес беше насочено кон настаните поврзани со чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, голем број битолчани одлучија да отпатуваат во Грција. На граничниот премин Меџитлија кон грчка граница се чекаше и по половина час, па и повеќе, како во летна сезона. И на преминот Ники од грчка страна имаше долга редица македонски автомобили.
Дел од битолчани заминаа на шопинг и гиро во Лерин, а на паркингот пред маркетот „Лидл“ скоро и да немаше место за паркирање од возила со битолски, охридски, прилепски и ресенски регистарски таблички. Дел од прехранбените продукти во маркетите во Лерин скоро да имаат исти цени со храната во Македонија, па килограм лимони чини едно евро, килограм домати 1.80 евра, непечено пиле нешто над три евра…
Други битолчани заминаа во Лутраки, а трети на скијање во Вигла. Попладнево, протокот на патници на преминот Меџитлија-Ники е нормализиран.
Ж. ЗДРАВКОВСКА