РЕДОВНИ ПРЕГЛЕДИ ЗА РАК НА ДОЈКА ПОБАРАА ЖЕНИТЕ ВО ВЕЛЕС, КАДЕ ОДАМНА НЕ РАБОТИ МАМОГРАФОТ

    РЕДОВНИ ПРЕГЛЕДИ ЗА РАК НА ДОЈКА ПОБАРАА ЖЕНИТЕ ВО ВЕЛЕС, КАДЕ ОДАМНА НЕ РАБОТИ МАМОГРАФОТНастанот е организиран за подигање на свеста кај жените во борбата против ракот на дојката во месецот октомври, кој поради тоа е наречен „Розев октомври“. (Фото: СДК.МК)

    Илјада жени годишно во Македонија заболуваат од рак на дојката, според официјалните податоци кажани на денешниот настан во Велес каде одамна не работи мамографот. Настанот е организиран за подигање на свеста кај жените во борбата против ракот на дојката во месецот октомври, кој поради тоа е наречен „Розев октомври“.

    Учесниците кажаа дека свеста не треба да застане кај розовите панделки – треба да нè потсети дека треба да направиме преглед, ракот на дојката се лекува ако е откриен навреме.

    Велешанката Руска Јанковска, која се излекувала од рак на дојка, кажа дека прво била исплашена кога ја добила дијагнозата.

    „Со голема борба која траеше три години успеав да продолжи животот. Туморот беше многу голем, беше потребна хемотерапија да се намали, па потоа ме оперираа, па одев на зрачење. Сега се чувствувам добро. До жените кои ја имаат оваа болест е да не очајуваат, да не се предаваат, таа може да се победи, да имаат волја за живот, болеста е иста како и другите. Порака до здравствените институции, дајте ни термини, дајте мамограф, дајте контроли, дајте терапии, за да можеме навреме да се прегледаме, да не биде доцна. Нема термини“, Јанковска која е поранешна вработена во „Порцеланка“.

    Во колона, жените заедно со млади девојки минаа по велешките улици, делејќи флаери за да се подигне свеста за заштита од ракот на дојка. Организатор беше Организацијата на жени од Велес, помогната со Младинскиот центар.

    „Имаме дружење на жените, размена на искуства за нивниот здравствен проблем. Розевата панделка е потсетник дека треба да се направи преглед, самопреглед, мамографија, ехо. Бројките загрижуваат, сè повеќе жени се соочуваат со овој проблем, старосната граница секоја година се намалува. Најважно е подигањето на свеста кај жената, да си посветуваат сами на себе внимание. Пациентите се жалат дека немаат навремени терапии, државата мора да ја надмине оваа состојба“, рече Мирјана Трајкова, претседателка на Организацијата на жени Велес.

    На 21 октомври во Европската куќа во Велес ќе се одржи трибина со предавање на докторки-специјалистки за рак на дојка, а на на 10 октомври рекреативна трка на жените.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира