РЕФЕРЕНДУМОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИК НА КОЖУВ Е НЕУСТАВЕН, АКТИВИСТИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИ

    РЕФЕРЕНДУМОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИК НА КОЖУВ Е НЕУСТАВЕН, АКТИВИСТИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИСметаат дека Уставниот суд се ставил на страната на оние кои планираат од државата да направат пустелија. - Активисти на Кожув во пресрет на ланскиот референдум (Фото: СДК.МК)

    Одлуката на Уставниот суд да го поништи успешниот референдум во Гевгелија против отворање рудник на Кожув ги разгневи активистите од југоистокот.

    Сметаат дека судиите донеле одлука спротивна на волјата на граѓаните, кои јасно се изјасниле дека не сакаат тешка и загадувачка индустрија во нивната општина. Од „Спас за Гевгелија“ сметаат дека Уставниот суд ги штител интересите на компаниите, не и на граѓаните, кои сакаат чиста и здрава животна средина.

    Ангел Наков, кој е најгласен во борбата против отворање рудници, вели дека судиите треба да поднесат оставка, оти работеле во интерес на загадувачите.

    „Одлуката е скандалозна, бидејќи Уставниот суд го погази уставот. Уставниот суд го наруши суверенитетот на граѓаните на Македонија поради бизнис интереси на странска компанија. Се стави на страната на оние кои планираат од државата да направат пустелија и геноцид на над 500.000 граѓани. Им порачуваме на сите домашни и странски платеници кои наумиле да отворат рудници и да ја уништат нашата татковина дека немаме друга држава и затоа ќе се бориме против тоа“, вели Наков.

    Референдумот во Гевгелија беше прв во низата граѓански изјаснувања против отворање рудници во југоистокот. Околу 13 илјади гевгеличани кажаа „не“ за отворање рудник на Кожув, кадешто канадската фирма „Резервоар минералс“ вршеше детаљни геолошки истражувања и побара преиспитување на уставноста на донесените одлуки за референдум од страна на Советот на Гевгелија.

    „Уставниот суд на 7 ноември ја поништи одлуката на Советот на Општина Гевгелија, со која распиша и одржа референдум против отворање рудници“, стои во известувањето на оваа институција, која пред неколку месеци, со објаснување дека прашањето за концесии не е од локално значење и дека општините не можат да организираат референдуми, ги поништи и референдумите во Дојран и Валандово, на предлог на поранешните градоначалници Стамов и Чурлиновски.

    Последната одлука на Уставниот суд ги изненади и активистите од „Здрава котлина“ од Струмица. Тие заедно со останатите граѓански активисти од југоистокот за утре најавуваат протести и блокади. Планирано е на два часа да се блокира транзитниот пат од Струмица кон Бугарија и Валандово и ќе побараат од Владата да не доделува концесии за експлоатација на металично-минерални суровини во овој дел од државата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира