Потрошувачите кои не добиле соодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија, можe да поднесат приговор до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Во исто време, снабдувачот е должен да ја прилгоди температурата ако има поплаки од управител, односно од заедница на сопственици, и барање за повисока температура од минимум пропишаната .
„Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, управителот, односно заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот кои што се доставено од страна на управителот, односно заедницата на сопственици. По поплаките до снабдувачите, мора екипи од снабдувачот да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба на терен. Потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена“, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Регулаторната комисија за енергетика уште минатата година побара да се направат измени во Законот за енергетика со кои ќе се зголемат ингеренции и ќе се прецизираат надлежности во однос на изрекување на повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи, ако поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.
Вчера, Владата ги повика надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на жителите на Скопје, откако граѓани на Центар, Скопје Север и Топанско Поле, во медиуми и на социјалните мрежи се пожалија дека деновиве се без парно или греењето е многу слабо.
Регулаторната комисија за енергетика, минатата недела одлучи цената парното греење во Скопје од овој месец да се зголеми за 14 отсто.
А. АНТЕВСКА