РЕКАТА ДРАГОР ОТКИНА ДЕЛ ОД КОРИТОТО, СПАСЕНА ПУМПНАТА СТАНИЦА НА БИТОЛСКИОТ ВОДОВОД 

    РЕКАТА ДРАГОР ОТКИНА ДЕЛ ОД КОРИТОТО, СПАСЕНА ПУМПНАТА СТАНИЦА НА БИТОЛСКИОТ ВОДОВОД Само потпорниот ѕид подигнат летото од поплава ја спаси пумпната станица која со вода ја снабдува Битола и три околни општини. (Фото: СДК.МК)

    Реката Драгор надојде и откорна дел од речниот брег кај населбата Довлеџик, во близина на пумпната станица на Јавното претпријатие „Водовод“ во Битола. Надојдената огромна количина вода носеше сè пред себе, дел од брегот, па и дрвја од околината, а само потпорниот ѕид што Општина Битола и ЈП „Водовод“ го подигнаа во летото од поплава ја спаси пумпната станица која со вода ја снабдува Битола и три околни општини.

    Сепак, на терен се вработени на сите јавни, државни претпријатија, фирми изведувачи од градот кои помагаат и со вработени и со механизација реката да не се излее и да не направи катастрофа.

    Надојдената река однесе се пред себе, дел од брегот, па и дрвја од околината. (Фото: СДК.МК)

    „За час и половина обилни врнежи придонеса за кинење и однесување на делови од речното корито. Благодарение на навремено изградениот потпорен ѕид се спаси пумпната станица, да не дојде до поголема катастрофа и градот да остане без вода. Ѕидот се покажа дека е правилно решение. За четири општини да не останат без вода и граѓаните да пијат чиста технички исправна вода се превенира тука, се работи , ќе останеме тука додека не се среди работата“, рече Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“.

    Драгор надојде поради полните пелистерски водотеци. Во изминатите 24 часа во Битола наврнаа 17 литри дожд на метар квадратен, а има најави и за нови врнежи. За да нема излевање на реката и да не дојде до понатамошно туркање на земјиштето, се носи земја, чакал, шут.

    „Се собира целокупниот градежен шут во делот на касарната кој ќе биде доставен тука и ќе се изврши санација на овој сериозен пробив кој е направен. Специфично е тоа што токму во горниот дел од реката го имаме овој сериозен наплив на вода. Главно, во минатото се случувале преливања и ископи во долните делови, но човечкиот фактор е важен за да ги амортизира и санира ваквите појави“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Поради обилните врнежи, водата од изворите што ги зафаќа „Водовод“ е матна и не може да се употребува и филтрира, па градот и околните општини се снабдуваат со вода од Хидроситемот „Стрежево“ која исто така е исправна за пиење.

    Обилните вренежи создадоа и други критични точки во Битолско, како што е патот во село Остртец, во село Породин и на други места. Екипите се на терен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира