Повторно пукна цевка на новиот водовод со кој Тетово се снабдува со вода за пиење. Од ЈКП Тетово утврдиле дека е скината пластична цевка од новиот водовод од зафатот кај месноста Лешница. Поради тоа драстично е намален дотокот на вода во водоводната мрежа во градот и се воведуваат рестрикции.
„Поради сериозен дефект во градските резервоари дотокот на вода се намали за 150 литри во секунда. Со цел еднакво опслужување со вода за пиење во сите критични делови од градот, од денес ќе се почне со рестрикција на водата за пиење од 8 до 11.30 часот, од 15 до 18 и од полноќ до 5 наутро“, велат од ЈКП Тетово.
За ублажување на недостигот од вода за пиење претпријатието ги активира и четирите бунари во градот кои служат токму за вакви состојби кога се јавува недостаток од вода за пиење. Стариот водоводен систем и четирите бунари сега обезбедуваат околу 200 литри вода во секунда што е недоволно за нормално снабдување на градот.
Ова не е прв пат да се случуваат дефекти на водоводот кој зафаќа вода од Лешница, а кој пред три години беше пуштен во употреба. Минатата година, исто така поради пукната цевка на новиот водовод имаше прекин во снабдувањето со вода за пиење, а во јануари поради заматување на водата, водоводот неколку денови беше надвор од употреба.
З. АНДОНОВ