РИБОКРАДЦИ ФРЛИЛЕ 270 МЕТРИ МРЕЖИ НА ВЕЛЕШКО ЕЗЕРО, ЗЕМЈОДЕЛЦИ ДОЗВОЛАТА ЗА РАБОТА ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЈА КОРИСТЕЛЕ ЗА ДИВ РИБОЛОВ

    РИБОКРАДЦИ ФРЛИЛЕ 270 МЕТРИ МРЕЖИ НА ВЕЛЕШКО ЕЗЕРО, ЗЕМЈОДЕЛЦИ ДОЗВОЛАТА ЗА РАБОТА ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЈА КОРИСТЕЛЕ ЗА ДИВ РИБОЛОВНа Езеро Младост пронајдени се три мрежи во должина од 270 метри, но не и рибокрадците. (Фото: СДК.МК)

    Празнично, рибокрадци фрлиле мрежи да ловат риба на Велешко Езеро Младост, но мрежите биле пронајдени, а крадците успеале да побегнат. Настанот се случил на четвртокот спроти петокот ноќта околу 2,30 ч. Во друг случај, земјоделци покрај Црна, со дозвола за работа во полицискиот час поради коронавирусот, наместо да работат земјоделски работи незаконски ловеле риба, соопшти од велешкото Здружение на спортски риболовци „Бабуна“.

    „На Езеро Младост има група криводрадци на риба кои се активни и се фрлаат мрежи со голема должина, кои овие лица ги користат за незаконско ловење. Така беше и во акцијата од вчера. Пронајдени се три мрежи во должина од 270 метри. Сторителот не е најден, но е голема должината на запленетите мрежи. Во мрежите имаше крап, неколку кленови, караши и сите по евидентирањето се вратени во водата“, изјави секретарот на Здружението Лазар Лазаревски.

    Ова друштво е концесионер на рибниот фонд на реките во Велешко, Вардар, Бабуна, Тополка и долниот тек на Црна и Брегалница, се до вливот во река Вардар, како и на Езеро Младост. Во тек е период на забрана на риболов на течните води, во периодот до 15 април до 15 мај.

    Лазаревски посочи и пример дека некои од лицата кои поседуваат дозволи за излез во период на полициски час поради земјоделски работи, истите ги користат за незаконски лов на риба, наместо земјоделски активности.

    „На река Црна има случаи на лица земјоделци, кои се движат во период на полициски час, ја злоупотребуваат таа дозвола и поставуваат мрежи и ловат риби. Имаме неколку случаи кои се констатирани на лице место, против лицата се поднесени соодветни пријави“, додаде Лазаревски.

    Оваа седмица рибокрадците работеле засилено, па биле пронајдени шест мрежи поставени во долен тек на река Црна, две мрежи на Тополка и една на Бабуна. Сите риби кои биле во мрежите биле вратени назад во водите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира