РОДИТЕЛИТЕ НЕ ДАВААТ УЧИЛИШТЕТО „КИРО ГЛИГОРОВ“ ДА СЕ РАСПРОДАВА ЗА ПРИВАТНИ БИЗНИСИ, ДИРЕКТОРКАТА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО ДОЗВОЛУВААТ КАФУЛЕ ВО ДВОРОТ

    РОДИТЕЛИТЕ НЕ ДАВААТ УЧИЛИШТЕТО „КИРО ГЛИГОРОВ“ ДА СЕ РАСПРОДАВА ЗА ПРИВАТНИ БИЗНИСИ, ДИРЕКТОРКАТА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО ДОЗВОЛУВААТ КАФУЛЕ ВО ДВОРОТРодителите велат дека потпишан е договор со фирмата „Форца“ без нивна соглсност. (Фото: СДК.МК)

    Стотина родители на децата кои учат во основното училиште „Киро Глигоров“ во скопски Капиштец денеска протестираат против издавањето на спортското игралиште на школото за кафуле. Родителите и жителите на Капиштец револтирани од ваквата одлука на дирeкторката на училиштето велат дека нема да дозволат да се распродава имот на училиштето за некој да си прави приватни бизниси.

    Како што велат родителите, при донесувањето на одлуката и потпишувањето на договорот со фирмата „Форца“ правно е прекршена законската регулатива и заобиколено е мислењето на родителите.

    „Без никакво известување ниту согласност од било кого се распродава имотот на најновото и најсовременото училиште во Македонија. Ќе се правело кафуле и ќе се крева ограда висока 6 метри и децата ќе бидат како во кафез. Им се одзема на децата единственото игралиште во населбата. Ова како родители го дознаваме неколку дена после прославената 3-годишнина од постоењето на школото. Вака ли другари бизнис се води, на грб на најмалите, им се одзема игралиштето. Каква жал не само за оние деца кои во моментот учат таму, туку и за следните генерации“, рекоа родителите на протестот.

    Директорката на училиштето Билјана Билбиловска не одговараше на нашите телефонски повици, ниту на пораките, зошто донела одлука да никне кафуле на местото на детското игралиште во образовна институција.

    На нашите телефонски повици не одговараше ниту градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, да каже дали тој е запознаен со одлуката имотот на училиштето, а со тоа и на Општината, да се дава за приватни бизниси, дали се согласува со тоа и ја поддржува директорката или пак ќе побара од неа да је смени одлуката.

    По објавување на текстот од Општина Центар информираа дека договорот за издавање на игралиштето е потпишан во време на ексградоначалникот Саша Богдановиќ во јули 2021.

    „Утре ќе имаме средба со претставници на родителите кои денеска протестираа за да најдеме заедничко решение. Таму нема да има кафуле“, додаваат од Општина Центар.

    Ова не е првпат имотот на училиштето „Киро Глигоров“, кои е направено со пари од граѓаните и важи за најмодерно во државата, да се дава на приватни бизниси. Лани имаше обид дел од просториите на училиштето да се издадат на приватно средно училиште, но по реакциите во јавноста и пишувањата на медиумите одлуката беше повлечена.

    Училиштето „Киро Глигоров“ беше отворено во септември 2019 и чини 5,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира