„Ќе видиме што понатаму со адвоктот, во оваа држава знаеме колку е саатот, може и отТука куферчето да го земеме и да не нема, тоа е најсигурно решение, не веруваме во правда“, изјавија на вечерашниот протест пред Обвинителството во Битола Кристина и Стојче Христовски, родителите на петгодишната Јана од битолското село Кравари која почина на 22 март по примената инфузија на Клиничката болница во Битола. Тие не се согласуваат со извештајот од Основното јавно обвинителство (ОЈО) и наодите од Судска медицина дека не се работи за лекарска грешка, туку дека пневмонија по прележан ковид го ослабело срцето на девојчето и предизвикало инфаркт.
Основното јавно обвинителство вчера соопшти дека нема основ за понатамошно јавнообинителство постапување, но дека остануваат отворени за евентуални дополнителни проверки. Адвокатот на семејството Јанаки Митровски најави дека ќе побара вештачење на компјутерот од Детското одделение зашто има недостатоци во извештајот во однос на терминот за прележан ковид и оној кога настанала смртта.
„Уште по смртта на Јана кажавме дека ова го очекувавме, дека со обдукцискиот наод нема да се утврди ништо, дека сè ќе биде прикриено и неместено. Овде сè е поврзано, цел синџир од доктори, обвинители до судии. Јана не беше однесена во тешка состојба во болницата. Беше свесна, имаше само повраќање, пред два дена имаше температура. Сите резултати од крвта беа во ред освен шеќерот. По инфузијата девојчето почна да се жали на болки во стомакот. Кога ја доприми состојбата се влоши устата ѝ посине“, рече мајката Кристина.
Таткото Стојче го обвини државниот систем за нефункционалност.
„Таков е системот во оваа држава, да не се чудат властите зошто бегаат младите. Во оваа држава без пари и пријатели во никоја институција не можеш ништо да направиш. Ќе видиме што понатаму со адвоктот, во оваа држава знаеме колку е саатот, може и куферчето да го земеме и да нè нема, тоа е најсигурно решение“, рече Стојче.
Јана почина на 22 март откако прими инфузија во болницата, а шеќерот од 9 ѝ се искачи на 19 единици.
Ж. ЗДРАВКОВСКА