РОДНИНИ ГИ КРШЕЛЕ ПРОЗОРЦИТЕ И ГИ ФРЛАЛЕ ПАЦИЕНТИТЕ НАДВОР ОД СОБИТЕ ЗА ДА ГИ СПАСАТ ОД ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР

    РОДНИНИ ГИ КРШЕЛЕ ПРОЗОРЦИТЕ И ГИ ФРЛАЛЕ ПАЦИЕНТИТЕ НАДВОР ОД СОБИТЕ ЗА ДА ГИ СПАСАТ ОД ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАРОд објектот останаа само рамките од прозорците. Екипи на МВР, Јавно обвинителство и други надлежни служби вршеа увид на местото на пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Тетово сè уште е во шок по синоќешната трагедија кога се запали и целосно изгоре модуларната ковид болница при што загинаа 14 лица, а засега ниту од Клиничката болница, ниту од Општина Тетово, ниту од другите институции нема никаква официјална информација за причините за пожарот.

    „Од состанокот кој синоќа го одржавме се договоривме сите информации да бидат точни и проверени. Во постојан контакт сум со сите институции кои треба да ја завршат работата и во секој момент кога ќе добијам потврдени информации ќе ги споделам“, изјави денеска градоначалничката Теута Арифи.

    За причините на пожарот и целата драма која вчеравечер се случуваше единствено може да се дознае од неофицијални болнички извори и од непроверени кажувања на лица кои се нашле во близината кога избил пожарот.

    Неофицијално, пожарот избил во една од болничките соби на модуларната болница додека врз една пациентка, на која нагло ѝ се влошила состојбата, медицинскиот персонал се обидувал да ја поврати во живот со реанимација. Во тој момент настанал краток спој на еден од приклучоците за струја и најверојатно така избил пожарот. Огнот почнал да се шири со неверојатна брзина низ собите од ковид болницата. Можно е огнот да ги зафатил доводите со кислород што придонело за кратко време целата барака да се најде во пламен.

    „Јас со мојот пријател седевме во кафуле на само педесетина метри од бараката. Одеднаш слушнавме викање, излеговме и видовме голем пламен во дел од бараката. Не слушнавме никаква експлозија, но беше неверојатно, не поминаа ниту две минути а целата барака беше во пламен. Се чудевме како можеше огнот толку брзо да се шири и да биде толку голем“, кажува едно младо момче, очевидец на пожарот.

    Според други кажувања, кога избил пожарот во модуларната болница, имало неколку роднини на пациентите кои тука се нашле за да им пружат дополнителна поддршка на лицата кои биле на кислородна поддршка, кога избил пожарот ги кршеле прозорците и буквално ги исфрлиле своите блиски од собата и така успеале да ги спасат од огнот. Така биле спасени неколку лица. Но, според кажување на лица од болничкиот персонал, тоа не ѝ пошло од рака на мајката на 21-годишна пациентка, па и двете и не успеале да се спасат од огнената стихија. Едно момче се обидело да ги спаси таткото и мајката, но успеало да го спаси само таткото. Во пожарот животот го загуби и 21 годишна девојка која била со церебрална парализа. Пожарот избил во моментот кога ѝ правеле реанимација поради влошената состојба. Сите други детали за оваа страшна трагедија се во рамките на разни шпекулации и непроверени кажувања.

    Претседателот Стево Пендаровски изјави дека според информациите кои ги добил од надлежните, засега не постојат индиции дека пожарот бил намерно предизвикан. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Остана непознато и каква е состојбата на преживеаните пациенти кои биле спасени од пожарот. Градоначалничката Арифи само кажа дека сите се префрлени во други ковид одделенија во тетовската болница но не сакаше да го соопшти ниту нивниот број. Засега, неофицијално, 12 пациенти биле спасени и се наоѓаат на понатамошно лекување.

    Денеска глетката од модуларната болница која можеше да се види беше застрашувачка. Од објектот останаа само рамките од прозорците. Екипи на МВР, Јавно обвинителство и други надлежни служби вршеа увид на местото на пожарот.

    Советот на Општина Тетово денеска одржа вонредна седница на која 9, 10 и 11 септември се прогласени за денови на жалост во Тетово. Исто така и Владата овие денови ги прогласи за денови на жалост во целата држава.

    За синоќешниот пожар во ковид центарот во Тетовската болница, во кој загинаа 14 лица, претседателот Стево Пендаровски изјави дека според информациите кои ги добил од надлежните, засега не постојат индиции дека пожарот бил намерно предизвикан. Пендаровски, кој денеска беше во посета на Тетовската болница, најави дека ќе бидат ангажирани и странски експерти да помогнат во истрагата за пожарот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира