САМО 4 БИБЛИОТЕКИ ИМААТ КНИГИ НА БРАЈОВО ПИСМО ВО МАКЕДОНИЈА

    САМО 4 БИБЛИОТЕКИ ИМААТ КНИГИ НА БРАЈОВО ПИСМО ВО МАКЕДОНИЈАОва е една од само 27-те книги што досега се испечетени на Брајово писмо во Македонија, а отсега ќе ги има и во Народната и универзитетска билиотека „Гоце Делчев “ во Штип (Фото: СДК.МК)

    Народната и универзитетска билиотека „Гоце Делчев “ во Штип стана 4-та библиотека во земјава која располага со книги на Брајово писмо наменети за слепите лица и за оние со попреченост во видот. Библиотеката доби 27 книги кои ќе можат да ги користат лицата на кои им е потребно во Штип и во регионот.

    Сердарот“ од Григор Прличев, „Буре Барут“ од Дејан Дуковски, „Итар Пејо“ од Стале Попов, „Маслинови гранчиња“ од од Григор Поповски , „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле и уште други дваесетина наслови веќе се дел од литературата која е достапна за читање со Брајовото писмо.

    Ова е прва набавка на вакви книги во Штип, а ќе ги добиеме и звучните записи кои ќе бидат наменети за помладата читателска публика. Тоа ќе бидат книги од светската и современата македонска литература, истакнати автори од земјата и од странство. Нашиот проект чини 100 илјади денари. Ќе се потрудиме книгите со Брајово писмо да ги однесеме и до домовите на слепите лица, но и тие во секое време ќе можат да доаѓаат во библиотеката и да ги користат најновите изданија,“ вели директорката на НУБ „ Гоце Делчев “ во Штип, Милена Ристова-Михајлова.

    Здружението на слепите од Велес е водечко во Македонија и се јавува како самостоен издавач на брајови книги; – секратарот на Здружението на слепите во Велес, Тони Пајдаков (Фото: СДК.МК)

    Книгите се набавени со помош на Здружението за слепи лица од Велес кое и самото се јавува како издавач, зашто располага со специјален печатар за книги со Брајово писмо, а 10-на такви печатари има и во Скопје. Досега се испечатени 27 изданија наменети за слепи лица. Годишно се печателе 3-4 книги.

    Народните и универзитетски библиотеки ’Св.Климен Охридски’ од Скопје и од Битола, библиотеката во Велес, а од неодамна и библиотеката во Штип имаат книги со Брајово писмо. Правиме напори ваквите книги да бидат достапни до што поголем број слепи лица. Нашите интенции се секоја општина да располага со ваков печатар. За жал, од 2.500 слепи лица во Македонија само 600-700 активно го користат Брајовото писмо. Но, и за овој мал број корисници мал е бројот на книгите наменети за нив. Вимание посветуваме и на звучните книги и добро е што државата овозможи над 400 наслови да бидат снимени на аудио формат и се достапни на ЦД и на страницата на Националниот сојуз на слепите на Македонија“, вели секратарот на Здружението на слепите во Велес, Тони Пајдаков.

    Коце Димов, коректор на Брајово писмо во НУБ „Св.Климент Охридски“ од Скопје, вели дека е точно оти фондот на книги за слепите лица е мал, но потенцира дека првото издание на брајова книга во Македонија е од 1996, што е почеток кој многу доцни на пример во однос на Бугарија, каде со печатење на брајови книги е почнато во 1896.

    Процесот е многу скап и оди бавно, но ние работиме и сме задоволни. Годишно може да се издадат околу 10 наслови, се работи за скапи и специфични тендери за специјална хартија која се набавува од странство. Задоволни сме што сите учебници за основно и за средно образование се прилагодени за децата со оштетен вид и за целосно слепите деца, проект кој го работиме со поддршка на интернационалните Лајонс клубови, Универзитетот на Југоисточна Европа и УСАИД. Има многу да се работи на инклузивноста во образовниот систем и во поглед на кадарот и на технничката опременост за да им се олесни на овие деца полесно да ја следат наставата. Недостасуваат дефектолози, а и системот – компјутер за секое дете, не одговара за децата со нарушен вид зашто тие може да користат само пи-си комјутер или говорни програми. На тие прашања има многу да се работи“, вели Димов.

    Димов потенцира дека во Националниот сојуз на слепите тој, заедно со колегите Марјан Јанев и сега покојниот Борче Батиќ, по кого е насловена онлјан програмата на Сојузот, биле пионерите во комјутеризацијата за слепите.

    Почнавме во почетокот на 1990-тите години, и засега имаме завиден фонд на аудиокниги кои се достапни за сите наши корисници во секое време, а ги развиваме и останатите програми како синтетизатори на говор и читачи на екран што овозможуваат следње преку Интернет на сите нормално печатени текстови и содржини“, вели Димов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира