СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО БИТКА ЗА МОГИЛА И НОВАЦИ ВО ПЕЛАГОНИЈА

    СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО БИТКА ЗА МОГИЛА И НОВАЦИ ВО ПЕЛАГОНИЈАПред вториот круг на локалните избори, Заев во средата беше на митингот во Могила, а Груевски вчера во Новаци, единствените две општини во Пелагонија каде што СДСМ не победи во првиот круг (Фото: СДК.МК)

    Во вториот изборен круг в недела, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе водат битка за освојување на градоначалничките места во Могила и Новаци, единствените општини од Пелагонија кои во првиот круг не успеа да ги освои СДСМ. На општините им се придаде голема важност, па двајцата лидери на партиите, во два дена, еден по друг, одржаа митинзи во овие рурални општини. Заев во средата, а Груевски вчера.

    Досегашниот градоначалник на Oпштина Могила, кандидат за нов мандат, Стевче Пивковски, кој до последно тврдеше дека е независен, вчера го дочека Груевски во Могила, на истото место каде пред пет години лидерот на ВМРО- ДПМНЕ за него велеше дека на Oпштината не ѝ требал преварант. Овојпат како најголеми пријатели се поздравија и заедно од бината им се обратија на могилчани барајќи да им ја дадат довербата.

    Пивковски во недела силите ќе ги одмери со Јасмина Гулевска од коалицијата на СДСМ, од која во првиот круг освои само 102 гласови повеќе. Груевски дојде во Могила откако дел од членството и симпатизери на партијатаво првиот круг го поддржаа Зоранчо Сакурмовски  од Народно движење за Македонија, назадоволни што ВМРО-ДПМНЕ одлучи да застанае позади кандидатурата на Пивковски.

    Во Советот на Општина Могила ќе биде неизвесно. ВМРО-ДПМНЕ има три советници, СДСМ четири, па идното мнозинство ќе зависи од тоа со кого ќе коалицираат советниците од Народното движење за Македонија (1) и од граѓанските иницијативи на Николче Српчански (2) и Борче Бучински (1).

    Прегласување ќе има и во Новаци, меѓу  досегашниот градоначалник Лазар Котевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ кој се бори за четврт мандат и Љубе Кузмановски  од коалицијата на СДСМ. И во оваа општина настанаа партиски превирања, па евентуалната победа на Котевски во прв круг му ја помати независен кандидат Пецо Мицевски, кој на јавноста ѝ е познат по тоа што во претходниот состав беше претседавач со Советот на Општина Новаци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во новиот Совет силите се подеднакво распределани, по четири советници имаат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За мнозинство решавачка улога ќе има независниот советник Стефан Каранфиловски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира