Со едноминутно молчење, полагање цвеќе и палење свеќи, охридските стредношколци денеска одадоа почит на 59-те жртви, главно од 14-25 години, во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На мирниот протест на Градскиот плоштад им се приклучија и родители и граѓани, кои низ солзи кажуваа ова никогаш да не се повтори.
Протестот заврши со десетминутен молк кој никогаш не бил поболен и погласен од гневот и револтот на присутните кои го преплавија плоштадот.
„Утрото кога се разбудив дознав од социјалните медиуми. Не ми се веруваше. Вистински шок, голема трагедија. Бев потресена, но пред сè гневна оти тоа се деца на моја возраст, моја генерација. Чуствувам и гнев и тага, но најмногу гнев“, вели средношколката Стефанија Настевска.
Младите побараа да живеат во општество каде ќе се чуствуваат безбедни.
„На местото од тие деца можевме да сме ние. Живееме во корумпирана држава и сè додека не престане таа корупција, ние можеме да бидеме следните жртви“, кажаа кажаа средноколците.
Средношколците велат дека присуството на малолетници по клубовите стана секојдневие. Според нив, оваа несреќа мора да ги разбуди надлежните да преземат мерки кои ќе направат промени во општеството, а виновниците да одговараат за своите дела. Велат дека оваа држава е на младите и тие мора да се чуствуваат безбедни во неа.
„Пожална вест од оваа не можевме да добиеме. Родителите и професорите нè советуваат да се вардиме и да не посетуваме такви места и што и да се случи треба мирно да изреагираме на секаква ситуација. Нашата генерација деца излегува на вакви места“, вели средношколката Ана Илоска.
„Веќе 30 години во нашата држава институциите не ја извршуваат работата која им е дадена. Корупцијата преовлада низ целата држава, а со овој случај е кулминација за тоа и сега е време нешто да се менува. Овојпат го одзедоа и основното право, право на живот. Секој еден може да е следен, да не го дозволиме тоа“, рече средношколецот Лабме Јованоски.
Организаторите побараа мирниот собир да не се користи за политички цели.
„Целта на овај марш е да оддадеме почит на загинатите во несреќата, нашите врсници кои загинаа. Пораката на маршот е пред сè да не се политизира оваа несреќа. Трагично е тоа што се случи таму, виновните треба да одговараат. На млади лица како нас кои одиме по клубови да се случи такво нешто е трагично. Наредниот период ќе ја следиме ситуацијата и доколку треба ќе излеземе повторно. Од утре, сите ученици продолжуваат со настава со скратени часови“, рече Арсени Ѓоршески, претседател на Ученичката заедница.
Над 150 лица се повредени, дел од нив тешко, во пожарот во дискотеката Кочани на 16 март. Во странство до сабајлево се испратени на лекување 76 повредени.
Основниот суд Кочани вчера даде краткотраен притвор на 8 плус 6 осомничени за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, меѓу кои и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, за да може со нив приведените да се задржат на распит повеќе од 24 часа. По истекот на овие 48 часа, ќе се знае за кого од овие осомничени обвинителите ќе побараат 30-дневен притвор. Претходно на распит кај обвинител, но не и кај судија на претходна постапка, беше градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов. По сослушувањето, си заминал дома, не бил донесен во судот.
С. ВРЕНЦОВСКА