Дел од граѓаните од Струмичко реагираат на огласот и процедурата за доделување ваучери за купување инвертер клими на Министерството за економија, кој вчера беше затворен. Според нив, со дадените услови за аплицирање се фаворизираат граѓаните од Скопскиот Регион наспроти од останатите региони, кои треба документи да ги праќаат по пошта. Во Јавниот оглас, кој беше објавен на 31 јануари, не се предвидува количинска распределба на инверетер клими по региони, туку во иста група се Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот Регион. Тука распределбата ќе се прави по принципот прв дојден прв услужен.
„Нема логика. Уште во четвртокот и петокот имаше редици колони во Скопје пред Министерството за економија за аплицирање и илјадници аплицирале. Јас на третиот ден од огласот, во понеделникот, отидов да заверам изјава пред нотар за да аплицирам, планирајќи во вторникот да ги испратам по пошта, кога протече информација дека Министерството за економија го повлече огласот поради голем број пријави. Баш ме интересира колку граѓани од внатрешноста имаат аплицирано и колку ќе добијат ваучери за инвертер клими“, вели Ристо Стојанов од Струмица .
Јавниот оглас требаше да трае до 12 ти февруари, но поради голем број апликации Mинистерството вчера одлучи да го затвори, бидејќи стасале повеќе апликации од предвидените средства.
Од Министерството за економија не одговорија колку апликации има од Југоистокот или одделно од останатите плански региони. Соопштија дека вкупно пристигнале 10 илјади барања за ваучери, а две комисии ќе го изготват финалнииот извештај и списокот кој ќе биде поделен на два дела, првиот за Пелагонискиот и Југозападниот, а вториот за останатите шест плански региони.
„Предвидени се 4.000 ваучери во висина од 25.000 денари во бруто износ за домаќинствата од Пелагонискиот и Југозападниот, додека за Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот ќе се доделат 4. 782 ваучери кои треба да добијат по 23 илјади денари бруто“, велат од Министерствотo за економија.
Струмица важи за еден од најзагадените градови оваа зима. Сите експерти бараат да има промена на грејните тела односно да се намали загревањето на домаќинствата на дрва.
„Локалните и државните институции треба да потикнат мерки за субвенционирање на семејствата за да се префрлат на друг вид загревање на домовите, оти научните истражувања покажуваат дека влажните дрва даваат 4 до 5 пати повеќе концентрации на ПМ10 честички во воздухот. Затоа, ЈП Национални шуми треба да дистрибуираат суви огревни дрва“, вели Мите Ристов од здружението „Геосфера“ од Битола.
Деновиве еколошкото друтво „Планетум“ од Струмица со поддршка на Шведска почна да имплементира проект со кој младите ќе изработат интерактивна мапа со можни загадувачи во Струмица, при што ќе бидат доделени осум мобилни детектори и дрон за откривање на физички и правни лица кои испуштаат огромни количини ПМ10 честички.
В. ТРАЈКОВ