За нешто повеќе од три месеци откако беше поставена, речиси е исушена еколошката инсталација наречена “Градско дрво“, односно еколошко дрво или екобилборд. Голем дел од ратенијата кои се засадени во него се пожолтени, а дел од нив се украдени. Овој екобилборд беше поставен за да придонесе за намалување на аерозагадувањето во градот бидејќи, според кажувањата на донаторите, тој има способност да неутрализира 240 тони јаглерод диоксид годишно, односно да го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и има ист ефект како 275 дрвја. Во него се вградени комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои ги одстрануваат ПМ честичките, азотни оксиди и озонот од амбиенталниот воздух.
Но што вреди сето тоа, кога тетовци крајно неодговорно се однесуваат кон работите кои треба да придонесат за прочистување на загадениот воздух во градот. Некои од нив едноставно си кинат делови од растенијата ставени во билбордот или пак земаат по цели садници.
„Еве баш пред некој ден додека седев на клупата до ова еколошко дрво, дојде една жена и почна да зема од садниците кои се поставени во билбордот. Дури без срам се поткачи на клупата да дофати од оние што се повисоко и кои се позелени. Кога ја прашав зошто тоа го прави, ми се развика, ‘Ми треба за дома, и што тие тебе гајле што правам’, како јас да сум кривецот, а не таа. И после ни бил загаден воздухот во градот, е па како не ќе биде кога ние самите не се грижиме“, вели еден тетовец кого го затекнавме кај билбордот.
Екобилбордот има соспствен систем за самоодржување и наводнување, а месечно му е потребна само мала грижа од човекот. Дали затаил системот за одржување, дали од јавното претпријатие од Тетово требало да му се обрне повеќе внимание или пак кражбите на садниците се причината за неговото сушење, не можевме да дознаеме бидејќи надлежните од локалната власт беа недостапни за ваква информација.
Оваа инсталација е донација од Германија, во Теtово е поставена преку преку невладината „Еко-свест“ и со парична помош од неколку фирми од Македонија, а вредноста е околу 25.000 евра. Вакви еколошките билборди се веќе поставени во поголемите градови низ светот како во Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонгконг, а во Македонија се поставени во Тетово и во Скопје.
З. АНДОНОВ