Животот во средниот тек на реката Пчиња постепено се обновува откако кон крајот на минатата година беше отстранета бетонската бариера. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на живиот свет во реката, спроведено од проф. д-р Милица Ристовска од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, заедно со нејзините соработници. Истражувањето е дел од проектот на „Еко-свест“, која во соработка со Општина Куманово ја отстрани бетонската бариера.
Бетонската препрека долга 50 метри и широка 30 метри на реката Пчиња, кај месноста Шупљи Камен, Кумановско го попречуваше природниот водотек на реката. Бетонската бариера била изградена за време на Втората светска војна, како премин за тенкови од едната на другата страна на реката Пчиња.
Во текот на јуни беше спроведен првиот мониторинг на рибната фауна на локацијата каде што претходно се наоѓаше бетонската бариера, со цел да се следат состојбата и процесот на природна реставрација на реката. На местото на поранешната бариера сега има крупни камења, кои заедно со природно насобраниот материјал создаваат поволни услови за животинскиот свет. Протокот на водата низ нив обезбедува засолништа и придонесува за обновување на живеалиштата.

Бетонската бариера била изградена за време на Втората светска војна, како премин за тенкови од едната на другата страна на реката Пчиња. (Фото: Еко-свест)
„Во делот под поранешната бариера се регистрирани сите видови риби што живеат во Пчиња, што укажува на стабилизирање на екосистемот без губење на биолошката разновидност. Делот над бариерата сè уште е во чувствителна состојба, со знаци на послаб проток, главно поради големата количина акумулирана тиња на дното. Во овој дел е забележано отсуство на бојникот и минимално присуство на кленот – видови што претходно доминирале во овој екосистем. Со отстранувањето на бариерата, поголем дел од реката повторно стана достапен, овозможувајќи им на рибите слободно да се движат и да се распоредуваат по нејзината должина. Дополнителен показател дека екосистемот закрепнува е присуството на подмладок од риби, што значи дека тие успешно се размножуваат. Охрабрувачки е и тоа што не се регистрирани видови што не припаѓаат на ова живеалиште, како карашот. Забележано е и присуство на поточен рак, кој е биоиндикатор за чиста вода“, велат од „Еко-свест“.
Поради долгогодишното постоење на бетонската бариера, во делот над неа се акумулирала голема количина паднати дрвја од околната шума, кои реката не можела природно да ги однесе поради пречката. Тие сега го забавуваат текот на водата и го отежнуваат измивањето и природното распределување на насобраната тиња.
Бетонската бариера со години го попречуваше природниот тек на реката и движењето на наносниот материјал, го оневозможуваше слободното движење на водните организми, придонесуваше за влошување на квалитетот на водата во делот над неа и претставуваше безбедносен ризик за локалното население.
Екологистите оценуваат дека процесот на реставрација на реката е долготраен, но првите резултати веќе се видливи. Иако сè уште постојат предизвици поврзани со акумулираната тиња и паднатите дрвја, Пчиња постепено се ослободува и се враќа во својата природна состојба. Од „Еко-свест“ најавуваат дека ќе продолжат со редовен мониторинг на реката сè до нејзиното целосно обновување.
П. ПЕЧКОВ



