СЕ ПЛАШИМЕ ДЕКА ДЕЦАТА ПРЕД ШКОЛО ЌЕ ГИ УДРИ КОЛА ИЛИ ЌЕ ГИ КАСНЕ КУЧЕ, ВЕЛАТ РОДИТЕЛИТЕ ЗА ХАОСОТ КАЈ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО ТЕТОВО

    СЕ ПЛАШИМЕ ДЕКА ДЕЦАТА ПРЕД ШКОЛО ЌЕ ГИ УДРИ КОЛА ИЛИ ЌЕ ГИ КАСНЕ КУЧЕ, ВЕЛАТ РОДИТЕЛИТЕ ЗА ХАОСОТ КАЈ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО ТЕТОВОСообраќајната гужва е најголема во периодите кога завршува едната смена, а почнува втората. (Фото: СДК.МК)

    Паркирани автомобили на тесните тротоари, голем број камиони и автомобили во движење, контејнери пред самиот влез, ова е сликата со која секојдневно се среќаваат учениците од Основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово. Сообраќајната гужва е најголема во периодите кога завршува едната смена, а почнува втората.

    Во таа турканица од ученици и возила, пред неколку дена една ученичка од прво одделение била удрена од кола. За среќа, поминала со полесни повреди, но тој инцидент ги мобилизира родителите кои се загрижени за безбедноста на своите деца кои одат на училишта. Тие се организираа и побараа и од училиштето и од Општината да му стават крај на сообраќајниот хаос на оваа улица.

    „Ние, родителите на учениците од ОУ ‘Гоце Делчев’ сакаме да им укажеме и на директорката на училиштето, така и на општинската власт, ЈКП и Министерството за образование да се погрижат за безбедноста на нашите деца, бидејќи се случија неколку немили настани. На улицата пред училиштето владее сообраќаен хаос, поради што нашите деца нема каде да поминат за да дојдат до училиштето. Деновиве се случи еден немил настан кога тука беше удрена со автомобил една ученичка. Пред влезот на училиштето има поставено контејнери за смет околу кои се собираат голем број кучиња скитници, па досега и неколку деца одејќи на училиште се каснати од нив“, рече Дарко Петровски, родител на ученик во школото.

    Родителите денеска имаа  состанок со директорката на училиштето на која ѝ ги укажале проблемите. Таа им рекла дека досега повеќе пати поднела барање до надлежните институции за решавање на овие проблеми, но не ѝ било одговорено и не се преземени никакви мерки.

    „Затоа решивме и ние да поднесеме барања до институциите. Бараме, улицата каде се наоѓа училиштето во периодите кога завршува првата и почнува втората смена во училиштето да биде затворена за сообраќај или барем да се направи да биде еднонасочна, за да можат учениците безбедно да дојдат до училиштето. Бараме да се отстранат и контејнерите кои се поставени пред самиот влез во училиштето. Ако не се реши ова прашање, ние ќе ја блокираме улицата или пак децата нема да ги праќаме на училиште, зошто не знаеме дали нашето дете ќе се врати здраво од училиште или ќе биде удрено од автомобил или каснато од куче“, вели Петровски.

    Од СВР Тетово велат дека од полициската станица за бeзбедност на патниот сообраќај секојдневно патролира по сообраќајните приоди кон основното училиште „Гоце Делчев“.

    „Полициското присуство наредните денови дополнително ќе се засили, со цел да се пресретнат или санкционираат евентуални проблеми од безбедносна природа и карактер, додека што се однесува за измена на сообраќајниот режим пред училиштето, таквите измени се во директна надлежност на тетовската локална самоуправа, но по претходно добиена согласност за нив од СВР Тетово“, се вели во соопштението од СВР Тетово.

    Слично соопштение  даде и Општина Тетово.

    „Можноста за измени во сообраќајниот режим, односно воведување на еднонасочно движење на возилата пред ОУ ‘Гоце Делчев’ треба најпрво да се анализира и пред да се спроведе, треба да се добие согласност од СВР Тетово. Вакво барање веќе има стигнато до Општината. Истото ќе се разгледа и доколку се покаже дека е потребно и оправдано, ќе се реализира. Во однос на контејнерите кои се пред влезот на училиштето, локациите за нивното поставување се одредуваат од страна на Секторот за урбанизам во Општина Тетово. Надлежните ќе го разгледаат и ова барање“, велат од Службата за односи со јавноста на Општина Тетово .

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира