СЕ ПЛАШИМЕ ДЕКА ЌЕ НЀ УДРАТ ЧАМЦИТЕ КОИ ВОЗАТ ВО ПЛИТКОТО ОТИ ШТЕДАТ НА БЕНЗИН, ВЕЛАТ ТУРИСТИТЕ ВО ОХРИД

    СЕ ПЛАШИМЕ ДЕКА ЌЕ НЀ УДРАТ ЧАМЦИТЕ КОИ ВОЗАТ ВО ПЛИТКОТО ОТИ ШТЕДАТ НА БЕНЗИН, ВЕЛАТ ТУРИСТИТЕ ВО ОХРИДЗа да превезат што повеќе патници во текот на денот, чамците возат во поплитко за да заштедат на време и на гориво (Фото: СДК.МК)

    „Се плашиме дека ќе нѐ удрат чамците кои возат преблиску до плажите додека пливаме“, велат туристите во Охрид за сопствениците на чамци кои за да го скратат патот од една до друга плажа, возат во делот каде што луѓето се капат.

    „Чамецот одеше буквално во мене, а стоев во езерото на длабочина до половината, во тој дел има песок. Возачот, кој превезуваше патници до еден од рестораните на плажа близу Пештани зборуваше на телефон. Му викнав и му мафтав, не ме забележа. Се исплашив дека ќе ме удри и пливајќи отидов во најплиткото, на длабочина која не ми е ни до коленици, на место каде што има големи камења. Кога конечно ме забележа и му подвикнав, тој само ми одговори: ‘Внимавај, има големи камења таму. Не грижи се, гледаме ние’. Не, воопшто не гледаат. Штедат бензин и кратат пат, не им е грижа дали некој се капе во нивна близина“, ни рече една туристка од Скопје.

    Повеќето од охридските плажи не се одбележани, нема поставено ограничување во вода до каде можат да се движат пливачите, а до каде чамците, бродовите и глисерите.

    Чамците возат во делот каде што луѓето се капат, а нема ограничување на плажите до каде можат да одат тие, а до каде пливачите (Фото: СДК.МК)

    Дел од туристите се жалат и на глисерите кои возат во поплитко и со голема брзина. Бевме сведоци на случка кога еден турист пливаше на педесетина метри оддалеченост од брегот. Во негова близина имаше и други капачи. Глисерот одеше со голема брзина во негов правец и не го забележа човекот кој се исплаши и му мафташе да забави. Возачот на глисер во последен момент во виде и го заобиколи. Откако ги зема патниците од хотелската плажа, се врати во правецот на Охрид со иста брзина.

    „Ќе ме отепаше за малку. Ич не му беше гајле“, ни рече човекот.

    Има сопственици на ресторани на охридските плажи кои бесплатно им нудат превоз со чамец на туристите ако се нивни гости. Охриѓани велат дека, за да превезат што повеќе патници во текот на денот, возат во поплитко за да заштедат на време и на гориво.

    М. ЏАРОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира