Силното невреме со обилни врнежи дожд што попладнево ја зафати Битола предизвика поплави на делови од улицата Филип Втори Македонски кај Дебојот, но и на други сообраќајници во градот.
При обилни врнежи, со години се поплавуваат некои од улиците во пониските делови на Битола. Од ЈП ,,Нискоградба” неодамна изјавија дека канализацијата во градот е димензионирана пред 35 години за одредени количини на дожд и дека при обилни дождови во моментот нема капацитет да ја прифати целата атмосферска вода. Но, со проектот за пречистителна станица чија реализација почнува, се очекува над 90 проценти од овој проблем да се реши. Поплавите траеја кусо време по врнежите, а потоа шахтите ја собраа водата.
Невремето предизвика проблеми во напојувањето со струја во централнито градско подрачје. Без струја е Широк Сокак и околните населби. Од ЕВН велат дека се работи за дефект на два извода во трафостаницата Битола 3 која го напојува централнито градско јадро. Корисниците ќе бидат префрлени на други напојувања и се очекува за половина час градот да добие струја.
Дождот што ја погоди Битола во неколку наврати врнеше со толку силен интензитет што група туристи од Кина остана заробена во црквата „Св. Димитрија“ еден час, чекајќи да се смири невремето.
Ж. ЗДРАВКОВСКА