СЕ ПОСТАВУВА МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ВЕЛЕС

    СЕ ПОСТАВУВА МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ВЕЛЕСМонтажната ковид болница е до хелиодромот на Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Почна да се поставува монтажната ковид болница во Велес. Таа се наоѓа до хелиодромот од Општата болница, на површина од илјада метри квадратни. Работите ги изведуваат вработени од велешки „Брако“. За обезбедување на инфраструктура и ископ на земјиштето, локалната власт обезбеди 1,5 милиони денари.

    „Претходно Општина Велес обезбеди приклучок за вода за пиење, прибирање и одведување на фекалните отпадни води, приклучок за електрична енергија, како и ископ и исфрлање на земјен материјал. Сега се поставува монтажната болница за ковид пациентите“, рече д-р Божидар Бојаџиев директор на Велешката болница.

    Во велешката ковид монтажна болница предвидени се 45 кревети за сместување на исто толку пациенти. Таа претходно се работеше во велешки Брако а пред два дена започна нејзината монтажа.

    „Во зависност од временските услови, монтажата треба да заврши за десетина дена“, кажа Кочо Анѓушев, претседател на компанијата „Брако“.

    Во овој период од појавата на коронавирусот, лицата од Велешко, општините Градско, Чашка и Лозово кои се позитивни се хоспитализираат на Инфективното одделение од Општа Болница Велес, кое има капацитет од 54 кревети. Целта за поставување на 16 вакви ковид болници во Македонија е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира