СЕ РАСПАЃА ДОМОТ НА СЕДУМЧЛЕНОТО СЛЕПО СЕМЕЈСТВО ОД ВРАГОТУРЦЕ

    СЕ РАСПАЃА ДОМОТ НА СЕДУМЧЛЕНОТО СЛЕПО СЕМЕЈСТВО ОД ВРАГОТУРЦЕСедумчленото семејство Младеновски живее од социјална помош во исклучително тешки услови и сиромаштија во зафрленото планинско село Враготурце на самата македонско-српска граница (Фото: СДК.МК)

    Седумчленото слепо семејство Младеновски од зафрленото планинско село Враготурце, покрај проблемите со училишниот превоз за своето дете, никако да го реши ни станбеното прашање и да добие социјален стан од државата. Младеновски живеат во голема беда во стара и трошна куќичка со оскуден мебел, без кујна и купатило и елементарни услови за живот. Куќата само што не паднала, кровот протекува поради што еден од ѕидовите попуштил.  Сета покуќнина ја сочинуваат неколку железни кревети, шифоњер, маса, фрижидер и шпорет на дрва.

    Враготурце е на самата македонско-српска граница, на надморска восочина од 1.200 метри, оддалечено 40 километри од Куманово. До куќата може да се стигне исклучиво со џип, по тесен земјен пат долг 15 километри кој го поврзува селото со регионалниот пат Пелинце- Куманово или пешки по скратените патеки, угорнини и суводолици.

    Иако поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски го посети семејството додека беше во опозиција и најави дека кога ќе дојдат на власт ќе им дадат социјален стан, актуелната министерка Мила Царовска не мисли така, таа смета дека семејството ја прима сета помош од Министерството за труд и социјална политика и не може да добие стан, бидејќи има дом.

    „Целосно сум запознаена со случајот и додека бевме во опозиција јас комуницирав со семејството. Тие ги примаат сите права што им следуваат согласно законот. Единствено што може да се направи е да се плати превоз. Ние разговаравме за тоа, но тоа семејство бара стан во Куманово. Да има станови или куќи, ние тоа може да го обезбедиме, но да обезбедите стан или куќа за лице што веќе има дом, а притоа имаме толку многу граѓани што се бездомни, мислам дека системот би постапил нефер. Тоа што може системот да го направи за ова семејство е направено, превозот треба да го изменаџира Општината“, изјави Царовска.

    Наспроти оваа изјава, Новко Младеновски тврди дека трите собички од 36 квадрати се на име на дедо му, а за нив постојат 12 наследници. Една од тетките и брат му најавиле дека сакаат по една од собите, па за него и децата останува собичка од 12 квадрати.

    „Нека дојде министерката да види во што живееме. Ако тогаш ми каже дека имам услови за живот и може да се живее, в ред. Јас и онака немам каде да одам. Не барам преку леб погача, туку изградба на куќичка во Старо Нагоричене за 7-члено семејство или стан во Куманово. Јас навистина ги имам сите права и добивам паричен надомест по повеќе основи, но во планината не можеме да живееме нормално поради нашите болести. Барам  да се спуштиме од планината и децата да ги школувам. Да имам услови на отидам во продавница да купам храна и лекови. Плаќам 50 евра да дојде некој од дома да ме земе и да ме врати назад со возило. Некогаш и 3-4 пати месечно имам потреба да одам јас или децата до градот, така ги трошиме сите пари што ги добиваме“, вели Новко.

    Притиснати со сериозни здравствени проблеми овие луѓе на свои плеќи ја носат сета суровост на животот. Новко е со сто отсто оштетен вид, сопругата му е со ментален хендикеп, трите најстари деца имаат проблем со говорот, а сите пет се со оштетувања на видот од 50 до 95 проценти и неопходна им е редовна и соодветна здравствена заштита за да не ослепат како татко им. Единствената сигурна потпора на Новко, која се грижеше за куќата и децата, беше мајка му Павлина (74), која минатиот месец почина.

    Дека условите во кои живее оваа семејство се далеку од нормални, покажува последната несреќа во која најмалото дете Мики (5) кога излегло во ноќта по нужда се лизнало на камењето пред куќата и паднало. Притоа ја повредило брадата и едниот образ, а по лицето го изгребало кучето. Сега е сместено и се лекува во Кумановската болница.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира