СЕ РАСПАЃААТ ВОЕНИТЕ МАГАЦИНИ ОД ВРЕМЕТО НА ЈНА КАЈ ШТИПСКО НОВО СЕЛО

    СЕ РАСПАЃААТ ВОЕНИТЕ МАГАЦИНИ ОД ВРЕМЕТО НА ЈНА КАЈ ШТИПСКО НОВО СЕЛОМагацините сега ги користи Јавното претпријатие „Стипион“. (Фото: СДК.МК)

    Старите воени магицини во месноста Новакова Чешма во штипско Ново Село се  распаѓаат. Овие магацини се направени од поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) и се простираат на површина од неколку хектари. Магацините сега ги користи Јавното претпријатие „Стипион“.

    По осамостојувањето на земјава, веќе напуштените воени објекти пред 6-7 години се предадени на Општините, но со текот на времето речиси ништо не е направено да се реновираат и да не пропаѓаат. Стариот воен магацин од времето на ЈНА, кога премина во сопственост на АРМ беше мошне уредена локација, Во овој круг имаше нови градежни објекти, од стражарницата па до бункерите и импровизираните земуници кои и денеска опстојуваат, па до магацините кои порано служеле за складирање на лесно и потешко воено оружје и муниција.

    Уште при влез во кругот на стариот воен магацин во Новакова Чешма се наидува на ширум отворени врати на стражарницата и на дотраената приемна зграда каде порано се сместувале војниците и чуварите.  Целиот простор бил ограден со бодликава жица која на многу места денес ја нема. Погоре во ридот кон месноста Плуждино се наоѓаат десетината импровизирани бункери, некои од нив личат на земуници, но толку стручно се направени што иако со децении никој не стапнал во нив, тие до денес се во добра состојба независно што се со отворени влезови и целосно напуштени. Денес се живеалиште на разни влекачи и други животни.

    „Овој магацин е опкружен со лозја, овошни насади и други имоти на приватни лица и сите ние уште во тоа време го слушавме воениот ред, со утринските труби за станување и приквечерните за легнување, а кога на некои празници вратите беа отворени за нас, гледавме добро уредени објекти и убаво среден двор, што укажуваше на фактот дека таму владеела војничка дисциплина. Во последните години целиот простор е напуштен, а старите мошне цврсти магацини почнале да пропаѓаат“, велат лозарите кои имаат насади во непосредна близина на воените магацини во Новакова Чешма.

    В. д. директорот на „Стипион“ Игор Ефтимов, вели дека тие го користат овој простор исклучиво за магацини. Тука се складираат сите неопходни материјали за комунални потреби. Крупни материјали и одводни цевки со големи профили ги оставаат во кругот на отворено, а поситните резервни делови ги складираат во цврстите магацини.

    „Ги употребивме само магацините кои беа во подобра состојба. За оваа година немаме планирано, но можеби во наредните години ќе се изврши некое уредување на дворот и на дотраените објекти кои се оштетени и напуштени“, вели Ефтимов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира